Упатство › За администратори
Админ панел — почетна
Админ панелот е местото од каде го уредуваш целиот локал: менито, вработените, касата, залихата, принтерите, фискалниот уред и поставките. Почетниот екран на админ панелот е „мапа" со плочки. Секоја плочка води до еден екран (или до група екрани со табови). Тука почнува секоја работа што не е наплата на маса.
Во ова поглавје ќе најдеш:
- како се влегува во админ панелот и како се излегува од него;
- лентата најгоре, која ја гледаш на секој екран;
- пребарувањето по екрани;
- закачените плочки (брз пристап);
- сите делови и плочки на почетната страна;
- лентата со модули најдолу.
Влез во админ панелот
Кој може да влезе
Копчето Админ горе десно го гледаат само корисниците со улога Сопственик (главниот админ) или со улога која е означена како менаџерска (на пр. Менаџер). Келнерите не го гледаат ова копче. Улогите и нивните права ги уредуваш во Вработени → Улоги.
Менаџерот не мора да ги гледа сите плочки. Плочките на почетната страна се филтрираат според правата на неговата улога: ако улогата нема пристап до некој екран, плочката за тој екран не се појавува. Ако улогата нема пристап до ниту еден екран, ќе ја видиш пораката „Твојата улога нема пристап до ниту еден екран. Побарај пристап од админ."
Чекори за влез
- Најави се со своето име и ПИН (или со картичка, ако користиш картички).
- Горе десно притисни Админ.
- Се отвора прозорецот Админ пристап. Внеси го админ кодот на тастатурата на екранот (или на обичната тастатура).
- Притисни Потврди (или Enter). Ако кодот е точен, се отвора почетната страна на админ панелот.

- Админ пристап — наслов на прозорецот. Под него пишува „Внеси го админ кодот за да продолжиш кон админ панелот." Точките над бројките се полнат како што внесуваш цифри. Копчето Бриши го брише целиот внес, а копчето со стрелка ја брише последната цифра.
- Откажи — го затвора прозорецот без влез. Остануваш на екранот каде што беше.
- Потврди — го проверува кодот. Додека се проверува пишува Се проверува…. Копчето е сиво додека не внесеш барем една цифра.
Пораки што може да ги видиш:
| Порака | Што значи |
|---|---|
| „Внеси го админ кодот" | Притиснал си Потврди без да внесеш ништо. |
| „Неточен админ код" | Кодот не е точен. Внеси го повторно. |
| „Админ кодот истече — внеси го повторно." | Кодот бил сменет додека беше во админ панелот (на пр. некој го сменил во Безбедност). Притисни Админ и внеси го новиот код. |
Кој код важи. Важи заедничкиот админ код на локалот, но и личниот код на менаџер, ако му е доделен. Во евиденцијата (на пр. Избришани од админ) се запишува чиј код бил употребен: името на менаџерот, „Админ код" за заедничкиот код или „Мастер код" ако влегла поддршката на Тефтер.
Со картичка наместо код. Ако во Уреди и картички → Картички (RFID) е вклучено одобрување со картичка, наместо тастатура ќе видиш:
- на уред со читач на картички: Допри менаџерска картичка со одбројување. Кога времето ќе истече, пишува Времето истече и се појавува копчето Обиди се повторно;
- на уред без читач (на пр. телефон на келнер): се праќа барање до касата. Пишува Чека одобрување и „Менаџерот нека ја допре картичката на касата." Ако никој не одобри навреме или барањето е одбиено, се појавува Испрати повторно.
Колку долго останува отклучено
Откако еднаш ќе го внесеш кодот, админ панелот останува отклучен на тој уред сè додека:
- не се одјавиш (рачно, со Shift + L или кога уредот ќе те одјави сам);
- не го затвориш прозорецот на прелистувачот или апликацијата;
- некој не го смени админ кодот.
Додека е отклучено, Админ веднаш те носи на почетната страна, без повторно прашување. Освежувањето на страницата не го заклучува панелот.
На уред означен како Бекофис (канцелариски компјутер), копчето Админ те носи на почетната страна на бекофисот, а не на оваа страница. Тоа е опишано во Уреди и картички.
Излез од админ панелот
Од админ панелот излегуваш на еден од овие начини:
- Логото „Тефтер" горе лево те враќа на главниот екран со масите. Админ панелот останува отклучен, па следниот пат Админ се отвора без код.
- Стрелката назад (←) најгоре на секој админ екран те враќа таму каде што беше претходно (на пр. на почетната страна на админ панелот, или на точниот таб од кој дојде).
- Админ (додека си во админ панелот) секогаш те носи на почетната страна на админ панелот.
- Одјави се (црвената икона горе десно, или Shift + L) те одјавува целосно и го заклучува админ панелот.
Ако си на екранот за нарачка и имаш неиспратени ставки, било кое од овие копчиња прво ќе те праша што да правиш со нив. Ништо не се губи без прашање.
Лента најгоре
Лентата најгоре се гледа на секој екран, и во админ панелот и надвор од него.

- Тефтер (лого) — те носи на главниот екран со масите.
- Нарачки — бројач на QR нарачки што чекаат. Бројот покажува колку нарачки од гости (преку QR менито) чекаат да ги прифатиш. Кога има барем една, копчето станува жолто, а се слуша и звук за секоја нова нарачка, на кој било екран да си. Притисни го за да отидеш на QR мени → QR нарачки. Копчето се гледа само ако QR нарачките се вклучени, ако имаш модул „Побрза услуга" и ако твојата улога има пристап до QR нарачки.
- Тема (сонце / месечина) — префрла меѓу темна и светла тема. Изборот се памети на тој уред.
- Моја каса — твои износи од последниот Z досега (види подолу).
- Задачи — ги отвора чек-листите за денот (отворање, затворање на смена итн.). Се гледа само со модул „Поголем профит". Копчето е портокалово додека си на екранот со задачи.
- Админ — влез во админ панелот. Портокалово е додека си во админ панелот.
- Кратенки (тастатура) — го отвора прегледот на кратенки на тастатура. Истото се отвора кога ќе притиснеш ?.
- Корисник (иницијали и име) — мени со твоето име, улогата и Одјави се.
- Одјави се (црвена икона) — веднаш те одјавува, без прашање. Истото го прави Shift + L од кој било екран (освен додека пишуваш во поле).
Две копчиња се појавуваат само во одредени ситуации:
- Брза храна (со икона на молња) — се гледа само ако е вклучен режимот за брза храна во Поставки. Те носи на екранот за шалтер.
- Распоред / Грид / Киоск и Резервации со окото — се гледаат само на екранот со маси, не во админ панелот. Опишани се во упатството за келнери.
Под лентата понекогаш се појавуваат ленти со предупредување:
- Без интернет / без врска со касата — уредот не може да стигне до касата.
- „Уредот е на друга Wi-Fi мрежа од вообичаено. Ако нешто не работи, јави му се на менаџерот." со копчињата Запомни ја новата (новата мрежа станува вообичаена) и Игнорирај (лентата се крие до следното отворање).
- Предупредување за фискалниот уред, ако не е подготвен за печатење.
- Предупредување за лиценцата, ако истекува.
Моја каса
Моја каса е преглед само за читање. Секој вработен, и келнерот, може да го отвори во секое време и да види колку пари треба да предаде на раздолжување.

- Готовина — готовина од твоите наплатени сметки од последниот Z до сега. Ова е тоа што треба да го предадеш.
- Картички — збир на твоите сметки платени со картичка (не се предава, но се гледа за контрола).
- Фактури — збир на сметките што си ги затворил на фактура.
- Вкупно — збир од сите три.
Под нив пишува „Готовината е тоа што треба да го предадеш." Бројките се освежуваат сами на секои 30 секунди додека прозорецот е отворен. Прозорецот се затвора со X или Esc. Со ова копче не се менува ништо; раздолжувањето го прави менаџерот во Каса → Раздолжување.
Кратенки на тастатура

- Глобално — кратенки што работат секаде: ? (покажи помош), Esc (затвори / назад), Shift + L (брза одјава).
- Нарачка — кратенки за екранот за нарачка: / пребарување во менито, S испрати во кујна / бар, P наплати и затвори, D подели сметка, M премести на друга маса, X отстрани празна нарачка, N белешка за производ, Z отстрани последен внесен производ итн. Подолу има и групи Ставки и Плаќање.
Кратенките со една буква не работат додека пишуваш во поле. Буквите за дејства може да ги смениш во Поставки → Изглед; прегледот веднаш ги покажува новите букви.
Корисничко мени

- Улога: — твојата улога (на пр. Сопственик, Менаџер, Келнер). Само за читање.
- Одјави се — те одјавува. Истото го прави црвената икона веднаш до името.
На телефон
На тесен екран (телефон) копчињата десно се собираат во копче Мени (три линии). Во него се: името и улогата, Светла тема / Темна тема, Моја каса, Задачи, Админ, Кратенки и Одјави се. Работат исто како на голем екран.
Почетна страна на админ панелот

- Пребарување — „Барај екран…". Курсорот е веќе во полето кога ќе ја отвориш страницата, па може веднаш да пишуваш. Полето останува залепено најгоре додека лизгаш надолу. Види Пребарување.
- Наслов на делот (тука Финансии) — плочките се групирани во делови. Секој дел има своја боја на ознаката лево од насловот и на иконите.
- Опис на делот — една реченица што кажува што има во делот.
- Плочка — наслов на екранот и краток опис што има во него. Притисни каде било на плочката за да го отвориш екранот.
- Закачи (иглата горе десно на плочката) — ја закачува плочката најгоре во Закачени. Види Закачени плочки.
- Отвори → — истото како притисок на плочката.
- Следниот дел (Операции).
Ако плочката е за модул што не го имаш, таа е избледена, горе десно има катанец со името на модулот (на пр. Поголем профит), а долу пишува Модул „…" · дознај повеќе →. Притисокот на таква плочка го отвора екранот со објаснување што добиваш со модулот. Таквата плочка нема игла за закачување.
Делови и плочки
Подолу е сè што има на почетната страна, по ред. Табовите во загради се екраните што се отвораат во рамки на плочката.
Финансии — „Каса, пари, извештаи и историја."
| Плочка | Опис на плочката | Што има внатре | Модул |
|---|---|---|---|
| Каса | Раздолжување, крај на ден и историја на сметки. | табови Раздолжување, Крај на ден, Историја на сметки, Избришани од админ, Пишанки. Види Каса. | — |
| Извештаи и трошоци | Промет, добивка, долгови и месечни трошоци. | Извештаи, Долгови и трошоци | — |
| Сметководство | Книга на влезни фактури и месечен пакет за сметководителот. | Книга на влезни фактури, Конта и книжење, Месечен пакет | „Поголем профит" |
| Попусти и ваучери | Готови попусти, ваучери и попусти по час + извештај. | еден екран | — |
Операции — „Вработени, гости и дневна работа."
| Плочка | Опис | Што има внатре | Модул |
|---|---|---|---|
| Вработени | Корисници, улоги, распоред, задачи, работно време и пораки. | Корисници, Улоги, Распоред, Задачи, Работно време, Telegram порака | Распоред, Задачи, Работно време и Telegram порака: „Поголем профит" |
| Резервации и календар | Резервации по час + календар на настани и потсетници. | еден екран | „Побрза услуга" |
| QR мени | QR мени за гостите и нарачките од него. | QR мени, QR нарачки, Нарачки однапред | QR нарачки и нарачки однапред: „Побрза услуга" |
| Документи | Дозволи, сертификати, инспекции — сеф со преглед и печат. | еден екран | — |
| Хотел | Соби, цени, резервации, гости, канали и извештаи — целото хотелско работење. | еден екран со свои делови | „Хотел" |
Мени и локал — „Што се продава и каде седат гостите."
| Плочка | Опис | Модул |
|---|---|---|
| Мени | Категории, производи, цени, дестинација за печатење. | — |
| Распоред на маси | Уредник на распоредот на маси — слободно поставување на маси и области. | — |
Залиха — „Набавка, рецепти, магацин и попис."
| Плочка | Опис | Што има внатре | Модул |
|---|---|---|---|
| Набавка | Прием на стока, доставувачи и договори за рабат. | Прием, Доставувачи и клиенти, Договори за рабат | Договори за рабат: „Поголем профит" |
| Магацин | Лагер листа, набавено / продадено и магацински документи. | Лагер листа, Набавено / продадено, Преносници, Требувања, Повратници | сите освен Набавено / продадено: „Поголем профит" |
| Рецепти и нормативи | Состојки, рецепти, нормативи и ценовник. | Состојки и рецепти, Нормативи, Ценовник | — |
| Попис и отпад | Попис на залиха и отпис на отпад. | Попис на залиха, Отпад | „Поголем профит" |
Табовите Преносници и Требувања се гледаат само ако во Поставки е вклучена поделбата Магацин / Локал, односно требувањата.
Станици и печатење — „Кујнски екрани, рутирање на тикети, принтери и формат на сметки."
| Плочка | Опис | Што има внатре | Модул |
|---|---|---|---|
| Кујнски екрани | KDS — тикети во живо на екран: станици, звуци, тајмери и уреди. | еден екран | „Побрза услуга" |
| Принтери и рутирање | Принтери и кој принтер што печати. | Принтери, Рутирање | — |
| Фискална и сметки | Фискален уред, ДДВ и изглед на сметки и тикети. | Фискални поставки, Сметки и тикети | — |
Систем — „Општи поставки и известувања."
| Плочка | Опис | Што има внатре |
|---|---|---|
| Поставки | Општи поставки и изглед. | Поставки, Изглед |
| Известувања | Контролен центар — канали, поврзување луѓе, извори и бот. | еден екран |
Безбедност — „Пристапи и уреди."

- Безбедност (делот) — секогаш е последен и секогаш се гледа за секој што влегол во админ панелот, без оглед на правата на улогата.
- Плочките Безбедност („Сесии, админ код и далечински пристап.", табови Безбедност и Далечински пристап) и Уреди и картички („Овластени уреди и картички за најава и одобрување.", табови Овластени уреди и Картички (RFID)). Овие две плочки немаат игла, но нивните табови може да ги закачиш од самиот екран (види подолу). Далечински пристап бара „Поголем профит".
- Модули: — лентата со модули е залепена на дното на почетната страна. За секој платен модул (Побрза услуга, Поголем профит, Хотел) има ознака: зелена со штиклирање значи дека модулот е вклучен, сива со X значи дека не е.
- AI скенирања: N/M овој месец — колку скенирања на фактури со вештачка интелигенција си искористил овој месец од колку што имаш. Се гледа само ако скенирањето е достапно за твојот локал.
- Синхронизирај — веднаш проверува дали има промени во лиценцата (на пр. поддршката ти вклучила нов модул). Без ова, промената се гледа најдоцна за неколку часа. Додека проверува пишува Синхронизирам…. Ако не успее, причината се гледа кога ќе го задржиш покажувачот над копчето.
- Име на локалот • клуч — името на лиценцата и скратен приказ на лиценцниот клуч, за кога разговараш со поддршката.
Пребарување
Пребарувањето ти штеди лизгање: напиши што бараш и остануваат само екраните што одговараат.

- Поле за пребарување — пишувај на кирилица или латиница, со или без големи букви. „fiskal", „фискал" и „fiskalni" наоѓаат исто.
- X — го брише пребарувањето и се враќаат сите плочки. Истото го прави Esc додека си во полето.
- Резултат — ако зборот одговара на таб во некоја плочка, наместо целата плочка се покажува самиот таб како посебна плочка. Под насловот пишува на која плочка припаѓа (тука Фискални поставки во Фискална и сметки). Притисокот го отвора екранот директно на тој таб.
Како се бара. Пребарувањето не гледа само наслови. Секој екран има листа на зборови по кои се наоѓа: натписите на копчињата и полињата во екранот, синоними, латински и англиски зборови. На пример:
- „кусур", „фиока", „сервисни пари" → Каса → Раздолжување;
- „Z", „затвори ден" → Каса → Крај на ден;
- „сторно", „препечат" → Каса → Историја на сметки;
- „PIN", „плата", „картичка" → Вработени → Корисници;
- „термален", „USB", „test print" → Принтери.
Ако напишеш повеќе зборови (на пр. „fiskal ddv"), се прикажуваат екраните што ги содржат сите зборови, без разлика на редоследот.

- Поле за пребарување со зборот „пишанки".
- Пишанки — табот од Каса се појавува како посебна плочка и се отвора директно.
Закачените плочки исто така се филтрираат при пребарување.

- Кога ништо не одговара, пишува „Нема екрани за „…". Пробај латински или кирилица (на пр. printeri / принтери)."
Закачени плочки (брз пристап)
Екраните што ги користиш секој ден може да ги закачиш најгоре, за да не лизгаш. Може да закачиш најмногу 9 плочки или табови.

- Закачени — делот се појавува најгоре, веднаш под пребарувањето, штом закачиш барем една плочка. Плочките стојат по редот по кој си ги закачил.
- Брз пристап · 2/9 — колку си закачил од најмногу 9.
- Откачи (полната портокалова игла) — ја откачува плочката. Плочката останува на своето место во својот дел; само исчезнува од Закачени. Закачена плочка има полна игла и во својот дел.
Како да закачиш:
- Најди ја плочката на почетната страна.
- Притисни ја празната игла горе десно на плочката (не на самата плочка). Иглата станува полна и портокалова, а плочката се појавува во Закачени.
- Кога веќе имаш 9 закачени, празните игли се избледени и не реагираат. Ако го задржиш покажувачот над нив, пишува „Максимум 9 закачени". Откачи нешто за да закачиш ново.
Закачување на таб. Може да закачиш и само еден таб од плочка со повеќе табови (на пр. само Крај на ден од Каса):

- Назад (←) — враќа на претходниот екран.
- Таб — отвори го табот што сакаш да го закачиш.
- Закачи — веднаш до табовите. По притисокот пишува Во брз пристап, а табот добива мала игла до името. Тој таб сега е посебна плочка во Закачени на почетната страна и се отвора директно на тој таб. Повторен притисок на Во брз пристап го откачува.
Закачените плочки се паметат на тој уред. Секој компјутер или таблет има свои закачени плочки; ако ги избришеш податоците на прелистувачот, ќе мора да ги закачиш повторно.
Чести ситуации и совети
Не го гледам копчето „Админ". Твојата улога не е менаџерска. Сопственикот треба во Вработени → Улоги да ја означи улогата како менаџерска, или да ти додели таква улога во Корисници. Одјави се и најави се повторно за промената да важи.
Влегувам во админ панелот, но ми фалат плочки. Плочките се кријат според правата на твојата улога. Побарај од сопственикот да ги вклучи екраните за твојата улога во Вработени → Улоги. Ако плочката се гледа избледена со катанец, ти недостасува модул (види Модули).
Го заборавив админ кодот. Ако си влезен во админ панелот на некој уред, кодот го менуваш во Безбедност. Ако не си, јави се на поддршката на Тефтер.
Келнерот ме бара да одобрам нешто, а не сакам да му го кажам кодот. Вклучи одобрување со картичка во Уреди и картички и запиши менаџерска картичка. Тогаш наместо код се допира картичка.
Отидов на масите, а сега пак ме бара код. Не треба, освен ако си се одјавил, си го затворил прозорецот или некој го сменил кодот. Ако те бара после секое отворање, провери дали уредот не те одјавува сам по неактивност; по секоја одјава кодот се бара повторно.
Вклучив модул кај поддршката, а плочката е сè уште заклучена. Најдолу на почетната страна притисни Синхронизирај. Ознаката на модулот треба да стане зелена.
Не наоѓам екран. Напиши во пребарувањето што би пишувало на екранот (на пр. „фиока", „ценовник", „Z"). Пребарувањето ги знае и натписите од внатрешноста на екраните.