Упатство › За келнери
Маси
Што е ова и кога го користиш
Екранот Маси е твојот почетен екран. Се отвора веднаш по најавата и на него се враќаш секогаш кога ќе излезеш од некоја маса. Од тука:
- гледаш кои маси се слободни, а кои зафатени и колку е сметката на секоја;
- отвораш маса за да внесеш нарачка (притисни ја масата);
- отвораш нарачка за носење (и за Wolt, Korpa и слично);
- гледаш и прифаќаш нарачки што гостите ги праќаат преку QR менито;
- гледаш колку пари треба да предадеш (Моја каса) и кои задачи те чекаат (Задачи).
Масите може да ги гледаш на три начини: како распоред (цртеж на локалот), како грид (картички, една по маса) и како киоск (едно големо копче, за самопослужување). Изборот го правиш горе, во лентата, и уредот го памти.
Каде се наоѓа
- Се отвора сам по најава.
- Од кој било друг екран: притисни го логото Тефтер горе лево.
- Од екранот на нарачка: копчето за назад.
Горната лента
Лентата горе е иста на сите екрани за работа, но некои копчиња се гледаат само на екранот Маси.

- Тефтер (лого) — те враќа на почетниот екран (Маси). Ако си на нарачка со неиспратени ставки, Тефтер прво прашува што да прави со нив.
- Распоред — масите како цртеж на локалот. Види Распоред.
- Грид — масите како картички. Види Грид.
- Киоск — само едно големо копче Нова нарачка. Види Киоск.
- Резервации — го отвора списокот на резервации за маси (екранот за резервации). Се гледа само ако локалот го има модулот „Побрза услуга“.
- Око — вклучува и исклучува прикажување на денешните резервации врз масите. Кога е вклучено, окото е отворено и копчето е портокалово; кога е исклучено, окото е прецртано. Ова е само приказ на овој уред, не менува ништо во резервациите. Види Резервации на масите.
- Нарачки со број — колку QR нарачки од гости чекаат одговор. Кога бројот е поголем од 0, копчето станува жолто и Тефтер ѕвони кога ќе стигне нова нарачка, на кој било екран да си. Притискањето те носи на екранот за влезни QR нарачки. Се гледа само ако QR нарачките се вклучени во локалот (модул „Побрза услуга“).
- Сонце / месечина — светла или темна тема на овој уред.
- Моја каса — твоите износи од последното затворање на денот. Види Моја каса.
- Задачи — денешните чек-листи. Види Задачи (чек-листи). Се гледа само со модулот „Поголем профит“.
- Тастатура — список на кратенки од тастатура. Види Кратенки.
- Твоето име — мени со улогата и Одјави се.
- Црвена стрелка — брза одјава. Види Најава, смена и заклучување.
Ако менаџерот го вклучил режимот Брза храна, во лентата има и копче Брза храна што го отвора екранот за шалтер. Менаџерите имаат и копче Админ.
Под лентата понекогаш се појавува лента со предупредување, на пример „Уредот е на друга Wi-Fi мрежа од вообичаено. Ако нешто не работи, јави му се на менаџерот.“ Со Игнорирај ја криеш до следното отворање; Запомни ја новата ја прифаќа новата мрежа како нормална (тоа обично го прави менаџерот).
Распоред
Што е ова
Распоредот е цртеж на локалот, ист како што го нацртал менаџерот: просториите, масите, шанкот, саксиите. Над секоја маса лебди кругче со бројот (или ознаката) на масата. Најбрз е кога знаеш каде седи гостинот, а не го знаеш бројот на масата.

- Сите — го покажува целиот локал. Бројот до името е колку маси има вкупно.
- Тераса (и другите простории) — зумира на таа просторија. Бројот е колку маси има во неа. Секоја просторија го има својот бој, ист како на цртежот. Изборот се памти: кога ќе се вратиш од маса, распоредот е пак на истата просторија.
- Хотел — се гледа само ако локалот работи и како хотел. Наместо маси ги покажува собите. Види Хотел.
- Зафатена маса — кругчето е црвено-портокалово и пулсира, а на масата лежи ливче со износот на сметката (на пример 780). Притисни за да ја отвориш нарачката.
- Слободна маса — темно сиво кругче, без ливче. Притисни за да отвориш нова нарачка на неа.
- Нова за носење — отвора нова нарачка без маса. Види Нова за носење.
- Отстрани N празни нарачки — ги брише нарачките што се отворени, а немаат ниту една ставка. Види Празни нарачки.
- N во работа — вкупно колку нарачки се отворени (маси, за носење и соби заедно).
- Маси (N) — таб во списокот Активни нарачки. Види Активни нарачки.
Движење по распоредот:
- Повлечи со прст (или глувче) за да го поместиш цртежот.
- Рашири / собери два прста (или тркалце на глувчето) за да зумираш.
- Допри го кругчето или масата за да ја отвориш.
Простории без маси (на пример „Улица“ или „Тротоар“) се гледаат на цртежот, но немаат свое копче горе.
Ако менаџерот вклучил посебен преглед по просторија, копчето Сите не постои и секогаш се гледа една просторија.
Што значат боите на масите
| Изглед на кругчето | Значење |
|---|---|
| Темно сиво, мирно | Слободна маса. |
| Црвено-портокалово, пулсира, со ливче со износ | Зафатена маса: има отворена нарачка со барем една ставка. Износот на ливчето е збирот на сметката досега. |
| Маслинесто зелено со натпис Преземи и „· QR“ | Маса со QR нарачка што ја прифатил некој додека никој не бил најавен, а уште никој не ја презел. Види Непреземени QR нарачки. |
| Жолтеникаво | Маса означена како резервирана. |
| Сино | Маса што се чисти. |
| Сиво, проѕирно | Маса што е неисправна (не се користи). |
| Црвен крст до кругчето | Масата ја отворил друг келнер, а локалот работи со „приватни маси“. Види подолу. |
Празна нарачка (отворена маса без ниту една ставка) не ја прави масата зафатена.
Простории
Притисни име на просторија за да зумираш на неа.

- Кафич — избраната просторија е посветла и со рамка во својата боја.
- Маса 3 — зафатена маса со ливче.
- Маса 2 — уште една зафатена маса.
Маси на друг келнер (приватни маси)
Менаџерот може да вклучи приватни маси. Тогаш секој келнер може да ги отвора само своите маси; туѓите ги гледа како зафатени, но не ја гледа сумата и не може да ги отвори. Менаџерите ги гледаат и отвораат сите.

- Маса 7 — црвен крст до бројот: ја отворила друга келнерка. Нема ливче со износ.
- Маса 12 — твоја зафатена маса, со износ.
- Друг келнер — истата маса во списокот Активни нарачки, со катанец наместо игла.
Ако сепак ја допреш туѓата маса, долу десно излегува порака:

- Масата е зафатена — „Отворена е од друг келнер. Само тој или менаџер може да ја отвори.“ Масата не се отвора. Ако треба да ја преземеш (на пример колегата си отишол), повикај го менаџерот.
Грид
Што е ова
Гридот ги покажува масите како картички подредени по простории. Подобар е од распоредот на мал екран и кога масите ги знаеш по број. Тука се гледа и колку време гостите седат и колку ставки имаат.

- Сите и просториите — филтер по просторија, исто како во распоредот. Бројот е колку маси има.
- Слободна — притисни за да се гледаат само слободните маси; пак притисни за сите. Бројот е колку маси се слободни сега.
- Зафатена — само масите со отворена нарачка.
- Резервација — само масите што имаат денешна резервација (кога е вклучено окото за резервации) или се означени како резервирани.
- # — „Оди на маса“: отвора поле за брзо отворање маса по број. Види Оди на маса.
- Име на гостин (Филип) — масата има запишано име на гостин. Притисни го за да го смениш или избришеш. Види Гостин на маса.
- Гостин — зафатена маса без име. Притисни за да запишеш име. Се гледа само ако менаџерот ги вклучил имињата на гости.
- Друг келнер / Сумата е скриена — маса отворена од друг келнер (приватни маси). Има и црвен X горе десно.
- Слободна маса (на пример 6) — бројот на масата, ДОСТАПНА и колку места има.
Филтрите 2–4 не се гледаат на телефон.
Што пишува на картичката:
| Дел | Значење |
|---|---|
| Голем број (или ознака како „A1“) | Број на масата. Кај зафатена маса е портокалов. |
| ДОСТАПНА / ЗАФАТЕНА / РЕЗЕРВИРАНА / СЕ ЧИСТИ / НЕИСПРАВНА | Состојба на масата, со точка во соодветна боја. |
| N места | Колку гости собира масата (кај слободна маса). |
| 780 ден | Збир на сметката досега (кај зафатена маса). |
| N ставки | Колку парчиња се нарачани вкупно. |
| Часовник 27м / 1ч 19м | Колку време поминало од отворањето на масата. |
| Жолтеникава картичка | Слободна маса што има резервација денес. |
| Зелена рамка што пулсира, копче Преземи, QR нарачка · непреземена | QR нарачка без келнер. Види Непреземени QR нарачки. |
Секоја просторија има наслов со својата боја, видот (на пример Тераса, Трпезарија, Бар) и колку маси има. Ако во просторијата нема маси, пишува Нема маси во оваа област. Ако филтер по состојба нема ниту една маса во некоја просторија, таа просторија воопшто не се прикажува.
Подетален грид
Менаџерот (или ти, во Поставки на уредот) може да избере подетални картички. Тогаш картичките се поголеми и покажуваат повеќе:

- N ставки — колку парчиња се нарачани.
- Лента за време — колку долго гостите седат: зелена до 20 минути, жолта до еден час, црвена над еден час (тогаш и времето е црвено). Така веднаш гледаш кои маси чекаат долго.
- Резервации — денешните резервации на таа маса (време, име и број на гости), најмногу две, а за останатите пишува +N повеќе.
- Нема резервации денес — масата нема резервација (се гледа само кога е вклучено окото за резервации).
Резервации на масите
Ако притиснеш око горе во лентата, на масите се гледаат денешните резервации.

- Око — сега е отворено (портокалово). Пак притисни за да ги скриеш.
- Резервација на слободна маса — време и име на гостинот. Жолта ознака значи дека резервацијата е во следниот час; сина значи дека е подоцна. Картичката на слободната маса станува жолтеникава.
- Уште една резервација.
- Резервација — филтерот сега ги брои масите со резервација.
Резервациите се гледаат и на зафатени маси (ако масата е зафатена, а има резервација подоцна, знаеш дека гостите не смеат да седат предолго). Резервации од пред повеќе од 10 минути не се прикажуваат.
На распоредот резервациите се гледаат така што кругчето на масата ја добива бојата на резервацијата:

- Маса 5 — има резервација денес.
- Маса 11 — има резервација подоцна.
Резервации се внесуваат на екранот Резервации (копчето 5 во горната лента).
Оди на маса по број
Кога знаеш кој број ти треба, не мора да ја бараш масата.
На компјутер (со тастатура):
- На екранот Маси притисни / (коса црта).
- Горе на средина се појавува ознака Маса. Отчукај го бројот (или ознаката, на пример A1).
- Притисни Enter. Масата се отвора.
- Esc го откажува, Backspace брише последен знак.

- Ознаката Маса 12 — она што си го отчукал досега.
На телефон: притисни # до името на просторијата во гридот:

- Оди на маса — поле за број или ознака (на пример 12, A1).
- Оди — ја отвора масата (или Enter на тастатурата на телефонот). Допир надвор од прозорецот го затвора.
Ако таква маса нема, излегува порака Нема маса „…“ — „Провери го бројот или ознаката.“ Ако внесеш број 1000 или поголем, пишува Невалиден број — „За носење користи го копчето.“ (тие броеви ги користи Тефтер за нарачки за носење).
Ако ознаката одговара на повеќе маси, се отвора онаа со најмалиот број.
Киоск
Режимот Киоск е за уред на кој гостите сами нарачуваат или за шалтер каде секоја нарачка е за носење. Наместо маси има само едно големо копче.

- Киоск — избраниот режим.
- Нова нарачка — отвора нова нарачка без маса (како Нова за носење, но без прашање за достава). На киоск, нарачката може да се наплати без претходно да се испрати.
Во режим Киоск не се гледаат масите. На поголем екран десно и понатаму стојат Брзи акции и Активни нарачки. За да се вратиш на масите, притисни Распоред или Грид.
Брзи акции
Картичката Брзи акции е десно, над Активни нарачки. Се гледа само на поголем екран (компјутер, таблет), не на телефон.
Нова за носење
За гостин што зема со себе, или за нарачка преку достава.
- Притисни Нова за носење.
- Ако локалот работи со доставувачи (менаџерот ги внесува во Поставки, на пример Wolt, Korpa), прво се отвора прозорецот:

- Нарачка за носење — „Преку која достава оди нарачката?“
- Wolt — нарачката оди преку Wolt.
- Korpa — нарачката оди преку Korpa.
- Без достава — гостинот сам ја зема. Веднаш се отвора нарачката.
Со X горе десно (или Esc) се откажува; ништо не се отвора.
- Ако си избрал доставувач, Тефтер го бара бројот на нарачката од нивната апликација:

- Број на нарачка — бројот што го пишува на нарачката во Wolt/Korpa (на пример 4822). Најмногу 40 знаци.
- Назад — враќање на изборот на доставувач.
- Без број — продолжува без број.
-
Продолжи — продолжува со внесениот број. Сиво е додека полето е празно.
-
Се отвора екранот на нарачката, како за маса. Нарачката во списоците се води како За носење 1, За носење 2… или, ако има доставувач, како Wolt 4822. Бројот подоцна ти служи да ја најдеш нарачката кога ќе дојде доставувачот.
Отстрани празни нарачки
Понекогаш некој отвора маса и излегува без да внесе ништо. Таквата нарачка е празна: не ја прави масата зафатена, но стои во списокот.
- Нема празни нарачки — сиво, нема што да се отстрани.
- Отстрани 1 празна нарачка / Отстрани N празни нарачки — притисни за да ги избришеш сите отворени нарачки без ниту една ставка. Додека трае пишува Се отстрануваат…. Нарачки со барем една ставка никогаш не се бришат со ова копче.
Ако некоја не може да се отстрани, под копчето се пишува причината.
Активни нарачки
Списокот Активни нарачки е десно, под Брзи акции (само на поголем екран). Ги покажува сите отворени нарачки во локалот, без разлика кој ги отворил, поделени во табови.

- Маса 2 — името на масата. Притисни го редот за да ја отвориш нарачката.
- Филип — името на гостинот, ако е запишано.
- Друг келнер — масата ја отворил друг келнер (приватни маси). Има катанец и не може да се отвори.
- ОТВОРЕНА — нарачката е отворена, но уште ништо не е испратено во кујна/шанк.
- ИСПРАТЕНА — барем дел од нарачката е испратен.
- Промени — се гледа само кај QR нарачка што веќе има келнер. Ја префрла масата на друг келнер. Види Промени келнер.
Табови:
- Маси (N) — нарачките на маси.
- За носење (N) — нарачки за носење и достава.
- Соби (N) — нарачки на хотелски соби. Се гледа само ако локалот работи како хотел и има барем една таква нарачка.
Празни пораки: Нема активни нарачки., Нема нарачки за носење., Нема активни соби.. Додека се вчитува пишува Се вчитуваат….
За носење

- За носење (2) — избраниот таб.
- Барај број на нарачка… — пребарување по бројот на доставувачот (на пример „4821“), по името на доставувачот или по „За носење 2“. Ако нема резултат, пишува Нема нарачка со тој број.
- Wolt 4821 — нарачка преку Wolt со бројот од нивната апликација.
- За носење 2 — нарачка за носење без доставувач.
Соби

- Соби (N) — сметките на хотелските соби. Притисни ред за да ја отвориш сметката на собата.
Под името на собата понекогаш пишува предупредување: Гостинот е одјавен — наплати ја сметката, Резервацијата е откажана — наплати ја сметката, Гостинот не дојде — наплати ја сметката или Без резервација. Тоа значи дека сметката е останала отворена иако престојот завршил; треба да се наплати.
Промени келнер
Кога QR нарачка ја презел погрешен келнер, менаџерот може да ја префрли.

- Промени келнер — наслов.
- Тековен: — кој е сега келнер на масата. „Внеси админ код, потоа избери нов келнер.“
- Тастатура за админ кодот (го внесува менаџерот). Бриши ги брише цифрите. Ако локалот користи одобрување со картичка, менаџерот наместо код ја допира картичката.
- Откажи — затвора без промена.
Откако ќе се внесе код (барем 4 цифри), под тастатурата се појавуваат имињата на вработените. Тековниот келнер е означен и не може да се избере. Притисни го новиот келнер: масата веднаш се префрла и прозорецот се затвора. Ако кодот е погрешен, пишува Неточен админ код.
Гостин на маса
Ако менаџерот ги вклучил имињата на гости, на секоја зафатена маса во гридот има копче Гостин. Корисно е кога има повеќе друштва и сакаш да знаеш „масата на Филип“.

- Гостин на Маса 2 — за која маса се запишува. „Запиши име за оваа маса. Се брише кога масата ќе се затвори.“
- Име на гостин — слободен текст, најмногу 80 знаци (пр. Филип).
- Избриши — го брише името. Се гледа само ако масата веќе има име.
- Откажи — затвора без промена.
- Зачувај — го зачувува името; веднаш се гледа на картичката и во Активни нарачки. Додека се зачувува пишува Се зачувува….
Името се брише само по себе кога масата ќе се наплати и затвори.
QR нарачки од гости
Ако локалот има QR мени со нарачување, гостите сами нарачуваат од телефон. Нарачката не оди директно во кујна: прво келнер мора да ја прифати.
Картичката QR нарачки
Кога има нова нарачка, десно (над Активни нарачки) се појавува картичката QR нарачки. Кога нема ништо за прифаќање, картичката ја нема.

- QR нарачки — наслов, со жолт број на нарачки што чекаат. „Нови нарачки од гости преку QR мени.“
- Маса 6 · Марко — од која маса е нарачката и името што гостинот го оставил. Под тоа се ставките (до 4; ако има повеќе, пишува + N уште…) со количина и забелешка од гостинот (на пример „со ладно млеко“). Долу е вкупниот износ во денари.
- Одбројување (на пример 3:59) — колку време имаш да одговориш. Ако никој не одговори, нарачката сама се откажува и гостинот добива известување. Последната минута бројот е црвен.
- Одбиј — ја одбива нарачката. Се отвора прозорец за причина (види подолу).
- Прими — ја прифаќа нарачката. Картичката светнува зелено со Примена и исчезнува, а нарачката се појавува на масата, како да си ја внел ти.
- Нарачки со број горе во лентата — истиот број, видлив од секој екран.
Секоја картичка што чека пулсира портокалово. На уредите што се одредени за тоа, нови QR нарачки ѕвонат и додека никој не е најавен; тогаш картичката QR нарачки се гледа и на екранот за најава.
Одбиј нарачка

- Одбиј нарачка — наслов, со маса и име на гостинот.
- Причина — кратка причина што гостинот ќе ја види на телефонот (на пример „распродадено“, „кујната е затворена“). Најмногу 200 знаци. Задолжителна е.
- Откажи — затвора, нарачката и понатаму чека.
- Одбиј — ја одбива нарачката. Сиво е додека не внесеш причина.
Непреземени QR нарачки
Ако нарачката ја прифатил уред на кој никој не бил најавен (на пример касата на шанкот додека сите биле на терасата), нарачката е на масата, но нема келнер. Таквата маса е „непреземена“.
Штом се најавиш, Тефтер ти ги покажува сите непреземени нарачки:

- Непреземени QR нарачки — „Преземи ги нарачките за твоите маси.“ Бројот десно е колку ги има.
- Тераса · Маса 10 — просторија и маса, колку ставки и износ. Притисни за да се отвори списокот на ставките.
- Преземи — масата станува твоја: ти си келнерот, твоја е сметката и твое е раздолжувањето. Редот исчезнува од списокот.
- Затвори — го затвора прозорецот без да преземеш. Користи го ако масите не се твои. Прозорецот повторно се појавува при следната најава, сè додека некој не ги преземе.
Ако го затвориш прозорецот, непреземените маси сè уште се гледаат:

- Преземи на картичката на масата — ја презема масата.
- QR нарачка · непреземена — наместо износ. Картичката има зелена рамка што пулсира.
- QR — истата маса во Активни нарачки.
- Преземи во Активни нарачки — исто ја презема масата.
На распоредот непреземената маса има маслинесто кругче со „· QR“ и натпис Преземи над него:

- Маса 10 — допри го натписот Преземи за да ја преземеш; допир на самото кругче само ја отвора масата, без да ја преземе. Така никој не презема маса случајно.
Ако некој друг ја преземал пред тебе, излегува порака со причината.
Нарачки однапред
Ако локалот прима нарачки однапред (на пример фирма што нарачува ручек за одредено време), десно се појавува картичката Нарачки однапред кога за денес има активни нарачки.

- Нарачки однапред — наслов. Под тоа: колку нарачки има за денес.
- N нови — колку нарачки уште не се прифатени.
- Нова — нарачка што чека да ја прифатиш.
- Прифатена — прифатена; ќе оди во кујна сама, онолку пред терминот колку што трае подготовката.
- Готова — подготвена, чека да биде подигната.
- Сите нарачки однапред — ја отвора целата табла со нарачки однапред за денес, каде се прифаќаат (Прифати), одбиваат (Одбиј), се праќаат во кујна порано (Прати во кујна сега), се означуваат Готова, Не е подигната или се отвораат на касата (Отвори на каса).
Во картичката се гледаат најмногу 5 нарачки, по време на подигање: време, име на лицето и фирмата, и состојба. Другите состојби што може да ги видиш: Во кујна, Подигната, Одбиена, Откажана, Не е подигната. Нарачките однапред се плаќаат на касата при подигање.
Моја каса
Што е ова и кога го користиш
Моја каса ти покажува колку пари си наплатил ти од последното затворање на денот (Z) досега. Така знаеш колку треба да предадеш при раздолжување, без да прашуваш менаџер. Само се гледа; ништо не се менува.
Каде се наоѓа
Горе во лентата, Моја каса. На телефон: мени со три линии → Моја каса.

- Готовина — збирот на сите сметки што ти си ги наплатил во готово, од последниот Z до сега.
- Картички — збирот на сметките платени со картичка.
- Фактури — збирот на сметките наплатени на фактура (вирман).
- Вкупно — сè заедно.
Под тоа: „Готовината е тоа што треба да го предадеш.“ Бројките се освежуваат сами на секои 30 секунди додека прозорецот е отворен.
На телефон истото изгледа вака:

- Вкупно — сè што си наплатил.
Задачи (чек-листи)
Што е ова
Задачи се денешните чек-листи: што треба да се направи при отворање, затворање, чистење и подготовка. Менаџерот ги прави листите и ги доделува; ти ги штиклираш. Бара модул „Поголем профит“.
Каде се наоѓа
Горе во лентата, Задачи. На телефон: мени со три линии → Задачи.

- Задачи — копчето е портокалово додека си на овој екран. Екранот се вика Чек-листи.
- Датум — за кој ден се гледаат листите. Стандардно е денешниот.
- Започни — отвора нова листа за избраниот ден.
Секоја листа има:
- Име (на пример „Затворање на смена“) и вид: Отворање, Затворање, Чистење, Подготовка или Друго;
- за мене — листата (или ставката) е доделена тебе. Твоите листи се секогаш први;
- задоцнето — рокот поминал, а листата не е завршена; завршено — сите ставки се штиклирани;
- до 23:30 — рок до кога треба да е готово;
- лента и N/M — колку ставки се штиклирани од вкупно.
Секоја ставка има:
- кругче — притисни за да ја штиклираш (станува зелено со ✓, текстот се прецртува и се запишува кој и кога). Пак притисни за да ја одштиклираш;
- белешка… — поле за кратка белешка (на пример „фали детергент“). Се зачувува кога ќе излезеш од полето;
- камера — сликај или прикачи слика (на пример од исчистената машина). Ако под ставката пишува Потребна е слика пред штиклирање, кругчето не може да се притисне додека не прикачиш слика. Ако сепак се обидеш, излегува Потребна е фотографија — „Прикачи слика пред да ја штиклираш ставката.“ Прикачената слика се гледа како мала сличица; притисни ја за да ја отвориш.
Ако за денот нема листи: „Нема чек-листи за овој ден. Притисни „Започни" за да отвориш една.“
Започни чек-листа

- Започни чек-листа — „Избери чек-листа за [датум].“ Во списокот се сите активни листи, со вид и број на ставки; за мене значи дека е доделена тебе. Притисни ја листата што сакаш и таа се појавува на екранот.
Ако нема ниту една: „Нема активни чек-листи. Менаџер ги создава во „Чек-листи".“
Задачите за затворање што ти се доделени мора да се завршени пред Заврши смена. Види Заврши смена.
Хотел (соби)
Ако локалот работи и како хотел, во распоредот и гридот има копче Хотел.

- Хотел — покажува соби наместо маси.
- Хотелски екран — го отвора целосниот хотелски екран (резервации, распоред на соби, домаќинство, извештаи, минибар).
- Зафатена — во собата има гостин или отворена сметка; собата има светла рамка. Притисни соба за да ја отвориш нејзината сметка (на пример за минибар или нарачка во соба). Ако во собата има пријавен гостин, се отвора неговата сметка; ако е слободна, се отвора нова.
Кратенки од тастатура
Копчето со тастатура горе (или ? на тастатура) го отвора списокот на кратенки:

Кратенките се поделени на Глобално (на пример Shift + L брза одјава, Esc затвори/назад), Нарачка (испрати, наплати, подели сметка, премести…) и Ставки. Кратенките со една буква не работат додека пишуваш во поле. Корисни се само ако користиш тастатура; на телефон не ти требаат. На екранот Маси работи и / за оди на маса.
На телефон
На телефон екранот Маси е прилагоден за еден прст.

- Распоред (иконка мапа) — масите како цртеж.
- Грид (иконка мрежа) — масите како картички. На телефон ова е најпрактично.
- Киоск (иконка телефон) — едно големо копче.
- Мени (три линии) — улога, тема, Моја каса, Задачи, Кратенки, Одјави се. Види Мени на телефон.
- Сите и просториите — големи копчиња во две или три колони.
- # — оди на маса по број.
Ако копчињата горе не собираат, лентата со нив се лизга лево-десно.
На телефон нема десна страна (Брзи акции, QR нарачки, Нарачки однапред, Активни нарачки), ниту филтри Слободна/Зафатена/Резервација. QR нарачките ги гледаш преку копчето Нарачки горе. Нарачка за носење отвори ја на касата или на таблет.
Распоредот на телефон:

- Сите — целиот локал. На телефон цртежот е мал, па подобро избери просторија (на пример Кафич) или зумирај со два прста. Масата ја отвораш со допир на кругчето.
Чести ситуации
Масата е зафатена, а гостите си отидоа
Масата останува зафатена сè додека сметката не се наплати и затвори (или додека не се избришат сите ставки). Отвори ја и наплати ја. Ако е празна (без ставки), не е ни зафатена; ако те нервира во списокот, притисни Отстрани празни нарачки.
Не можам да ја отворам масата, пишува „Масата е зафатена“
Масата ја отворил друг келнер, а локалот работи со приватни маси. Само тој келнер или менаџер ја отвора. Ако колегата си заминал, повикај го менаџерот.
Гостинот нарачал преку QR, а не гледам ништо
- Погледни го бројот на Нарачки горе: ако е над 0, има нарачка што чека. Отвори ја од таму или од картичката QR нарачки десно (на касата/таблетот).
- Ако нарачката веќе е прифатена од уред на кој никој не бил најавен, масата е „непреземена“. Најави се и притисни Преземи.
- Ако бројот е 0, а гостинот вели дека нарачал, можно е нарачката да истекла (никој не ја прифатил навреме). Гостинот добил известување дека е откажана; нека нарача повторно.
Прифатив QR нарачка за туѓа маса
Кажи му на менаџерот. Со Промени во Активни нарачки и неговиот админ код масата се префрла на вистинскиот келнер.
Дојде доставувач од Wolt, која е неговата нарачка?
Отвори Активни нарачки → За носење и во Барај број на нарачка… внеси го бројот што ти го кажува доставувачот. Затоа е добро при Нова за носење секогаш да го внесеш бројот на нарачката.
Не знам колку пари треба да предадам
Отвори Моја каса. Готовина е она што треба да го предадеш при раздолжување.
На телефон не гледам „Нова за носење“
На телефон десната страна не постои. Нарачките за носење се отвораат на касата или на таблет.
Распоредот е „одзумиран“ или поместен
Притисни ја повторно просторијата горе (или Сите): цртежот се центрира.
Поврзано
- Најава, смена и заклучување
- Екранот на нарачката (внесување ставки, испраќање, наплата) е опишан во следните поглавја за келнери.
- Менаџерот ги подесува: распоредот на масите, приватните маси, имињата на гости, доставувачите, QR менито, нарачките однапред и чек-листите во админ панелот.
- Модули: QR нарачки, резервации и нарачки однапред бараат „Побрза услуга“; Задачи бараат „Поголем профит“; собите бараат „Хотел“.