Упатство › За келнери
Наплата и алатки на масата
Ова поглавје продолжува од Нарачка на маса. Тука е сè што правиш откако нарачката е испратена: наплата (готовина, картичка, комбинирано, ваучер, фактура), фискална или термална сметка, делење сметка, преместување на друга маса, пишанка, отпад, попуст, име на гостин, достава и што правиш кога фискалниот уред одбива да печати.
Копчињата долу на сметката
Кога сè на масата е испратено, статусот станува ИСПРАТЕНА и копчињата за наплата светнуваат.

- ИСПРАТЕНА — сè е испратено, масата може да се наплати.
- Подели — наплата на дел од сметката (на пример еден гостин плаќа своето). Види Подели сметка. На голем екран е мало копче до Вкупно, на телефон е во долната лента.
- Попуст — попуст на целата сметка, со админ код. Се гледа само ако менаџерот поставил попусти. Види Попуст.
- Вкупно — износот за наплата.
- Испрати — сиво, затоа што нема ништо ново.
- Наплати — ја отвора наплатата.
Наплати е сиво додека има макар една неиспратена ставка. Прво испрати, па наплати. (Исклучок: брза храна, киоск и хотелска соба, каде Наплати сам испраќа и наплаќа.)
Наплати
Што е ова и кога го користиш
Кога гостинот бара сметка. Прво избираш како плаќа, а дури потоа сметката се затвора и се печати. Изборот (готовина, картичка или двете) се печати на сметката.
Како се отвора
Наплати на сметката, или копчето p на тастатура. На телефон: копчето Наплати со износот во долната лента.

- Вкупно за наплата — износот што гостинот го плаќа. Ако внесеш ваучер, износот се намалува и до него пишува „(со ваучер −… ден)“.
- Ваучер код (ако има) — ако гостинот носи ваучер (подарок картичка), внеси го кодот.
- Провери — проверува дали ваучерот важи (види Ваучер).
- Готовина (копче 1) — сметката веднаш се затвора како платена во готово.
- Картичка (копче 2) — сметката веднаш се затвора како платена со картичка.
- … · редовна цена — се гледа под Картичка само кога има среќен час што не важи за плаќање со картичка. Тоа е износот што гостинот ќе го плати ако плаќа со картичка, затоа што тогаш производите се наплаќаат по редовна цена. Кажи му на гостинот пред да плати.
- Комбинирано (копче 3) — дел готовина, дел картичка. Види подолу.
- Фактура (копче 4) — сметка на фактура за фирма. Види Фактура. Се гледа само ако е вклучена на овој уред (Поставки), и никогаш на брза храна.
Внимание: Готовина и Картичка не прашуваат „дали си сигурен“. Со еден допир сметката се затвора, се печати фискална сметка и масата се ослободува. Ако си се предомислил, затвори го прозорецот со X или со Esc пред да избереш, тогаш ништо не е наплатено.
Додека се наплаќа, долу пишува Се наплаќа…. Ако нешто не успее, грешката е напишана црвено долу во прозорецот (види Кога фискалниот уред одбива).
Што се случува по успешна наплата:
- Се печати фискалната сметка (или термалната, види подолу) со начинот на плаќање.
- Нарачката се затвора, масата станува слободна и се враќаш на масите.
- Залихата се намалува за продадените производи.
- Ако имало ваучер, тој се искористува и повеќе не важи.
Комбинирано плаќање

- Готовина (ден) — внеси колку гостинот плаќа во готово.
- Картичка (остаток) — Тефтер сам пресметува колку останува за картичка. Ако е црвено, внесената готовина е поголема од сметката.
- Назад — назад на изборот на плаќање.
- Наплати — затвора со двата износа. Сиво е додека готовината не е поголема од 0 и помала од вкупното. Ако не е, пишува „Внеси износ за готово поголем од 0 и помал од вкупното — остатокот оди на картичка.“
На фискалната сметка се печатат двата начина на плаќање со своите износи.
Ваучер

- Ваучер код — внеси го кодот од ваучерот. Буквите сами стануваат големи.
- Провери — или Enter. Ако ваучерот важи, наместо полето се гледа зелен ред „Ваучер КОД: −… ден“ со ✕ за да го тргнеш, а износот горе се намалува.
- Порака за грешка — ако ваучерот не важи, пишува зошто, на пример „Ваучерот не постои“ или дека е веќе искористен.
Проверката само гледа дали ваучерот важи, не го троши. Ваучерот се троши дури кога ќе избереш Готовина, Картичка или Комбинирано.
Фискална или термална сметка
Секоја наплата по основно печати фискална сметка на фискалниот уред. Во ретки случаи (на пример кога фискалниот уред е расипан и менаџерот така ти рекол) сметката може да се затвори само со термална сметка, без фискална.

- Наплати во црвено со пламен — значи дека следната наплата ќе биде термална, без фискална сметка.
Како се префрла:
- на каса: копчето f на тастатура (кога курсорот не е во поле за пишување);
- на телефон или екран на допир: држи го прстот подолго на копчето Наплати.
Повторно f или подолго држење го враќа во фискален режим (копчето пак е портокалово). Изборот важи само за таа маса: секоја нова маса секогаш почнува со фискална сметка.
Нарачките за достава (Wolt, Korpa…) секогаш се затвораат без фискална сметка, затоа што сметката ја издава платформата. Кај нив Наплати е секогаш црвено, а по наплатата излегува порака „Нарачка за достава — затворена без фискална сметка.“ Ако сметката е 0 ден (на пример попуст 100%), исто се затвора без фискална сметка, со порака „Сметката е 0 ден — затворена без фискална сметка.“
Фактура
За фирма што бара сметка на фактура. Притисни Наплати → Фактура (или 4):

- Пребарај по име, ЕДБ, адреса… — барај фирма од списокот на клиенти и добавувачи (и на латиница). Допри ја фирмата за да ја избереш (се појавува штикла). Добавувачите имаат ознака „добавувач“.
- Нова фирма — ако фирмата ја нема, пополни ги податоците подолу. Што пишуваш во пребарувањето, автоматски се пренесува во името.
- Име на фирма — задолжително.
- ЕДБ, Адреса, Е-пошта, Телефон — по избор, но за фактура добро е да има ЕДБ и адреса. Новата фирма се зачувува во клиентите за следниот пат.
- Издади — фактурата се издава како неплатена. Гостинот ќе плати подоцна (на сметка). Менаџерот ја води наплатата во Каса → Фактури. Не се печати фискална сметка.
- Издади и наплати — фактурата се издава и гостинот плаќа веднаш. Се отвора уште еден избор Готовина / Картичка / Комбинирано, и сметката се затвора како обична наплата (со фискална сметка, или термална ако е вклучен термалниот режим), означена како платена фактура.
- Откажи — назад, ништо не е издадено.
По издавањето се отвора прозорец Фактурата е издадена со името на купувачот и три копчиња: Прегледај A4 (ја отвора фактурата во нов прозорец), Печати A4 (ја отвора и веднаш печати) и Затвори (се враќаш на масите). Фактурата секогаш може пак да се испечати од Каса → Фактури.
Во вториот избор за плаќање кај Издади и наплати има и плочка Фактура, но таа таму не прави ништо; избери готовина, картичка или комбинирано.
Брза храна: готовина и кусур
На каса за брза храна, по Готовина се отвора уште еден прозорец Готовина — кусур:
- Дадено — колку пари ти дал гостинот. Внесуваш со копчињата или со брзите копчиња +10, +50, +100, +500, +1000, +2000. Точно го внесува точниот износ, Исчисти го брише внесот.
- Кусур — колку треба да вратиш. Зелено е кога даденото е доволно.
- Потврди · кусур … — ја затвора сметката. Сиво е додека даденото е помало од сметката.
Кусурот е само за тебе да знаеш колку да вратиш; на сметката се пишува износот на сметката.
Подели сметка
Што е ова и кога го користиш
Кога гостите плаќаат одделно. Избираш што плаќа еден гостин, тој плаќа, добива своја фискална сметка, а остатокот останува отворен на масата. Се повторува додека сите не платат.
Како се отвора
Подели на сметката (или d). Може да се притисне само кога сè е испратено. Нема го на брза храна и киоск.

- Што се наплаќа сега — список на редовите на сметката. Ништо не е избрано однапред: избери само она што го плаќа гостинот што си заминува. Неиспратени ставки се сиви со ознака „неиспратено“ и не може да се изберат.
- Избран ред — допри за да го избереш (штикла).
- 2/2 — кај ред со повеќе парчиња, со − и + избираш колку парчиња плаќа (на пример 1/2 = плаќа едно од двете пива). Ред со опции може да се плати само цел.
- Готовина / Картичка / 5. Двете — како плаќа овој гостин.
- Готовина (ден) — само кај Двете: колку плаќа во готово.
- Картичка (остаток) — остатокот за картичка, се пресметува сам.
- Наплати дел (… ден) — го наплаќа избраниот дел. На копчето пишува колку чини избраното. Сиво е додека ништо не е избрано.
По наплатата се печати посебна фискална сметка само за тој дел (или термална, ако е вклучен термалниот режим). Ако си го избрал сè, масата се затвора. Ако не, остануваш на масата со она што останало. Откажи го затвора прозорецот без наплата.
Премести
Што е ова и кога го користиш
Кога гостите ќе се преместат на друга маса, кога треба да споиш две маси, кога дел од нарачката го преземаат други гости, кога колега јаде/пие на пишанка или кога нешто се фрла (отпад). Сè ова е во еден прозорец со четири таба.
Како се отвора
Копчето со двете стрелки горе десно на сметката (Премести), или m на тастатура.

- Маса — пренос на друга маса.
- Пишанки — на пишанка на вработен.
- Отпад — отпис на фрлено. (Ако локалот има хотел, меѓу нив стои и Соба.)
- Избери ги сите / Поништи ги сите — по основно сите редови се избрани (цела маса). Тргни ги оние што остануваат.
- Ред — допри за да го тргнеш или вратиш.
- 2/2 — колку парчиња од редот оди. На пример 1/2 значи едното пиво оди, другото останува. Тогаш долу пишува „Ставките со намалена количина се делат — остатокот останува на масата …“. Ред со опции се преместува само цел.
- Нова маса (за носење: 1000–9999) — бројот на масата каде оди. Се внесува со копчињата подолу. Не може да е истата маса.
- За носење — сам го внесува следниот слободен број за носење (кога гостите ја земаат храната со себе).
- Премести — го прави преносот. Сиво е додека нема избран производ и важечки број на маса.
Ако не е избран ниту еден производ, пишува „Избери барем еден производ.“
Што се случува:
- Цела маса на празна маса — нарачката се преместува, ти одиш со неа на новата маса.
- Цела маса на зафатена маса — двете се спојуваат: сите ставки одат на нарачката на другата маса, а старата маса се ослободува. Спојувањето никогаш не се одбива поради тоа што масата е зафатена.
- Дел — избраните парчиња одат на другата маса (на постоечката нарачка, ако ја има), а ти остануваш на старата маса со остатокот.
Испратените ставки остануваат испратени и на новата маса; кујната не добива нов тикет. Ако локалот има кујнски екран, тикетите на екранот се префрлаат на новата маса.
Ако менаџерот вклучил „Приватни маси“, преместување може да прави само менаџер. Тогаш излегува порака „Преместување на маса е дозволено само за менаџер.“
Соба

- Соба — табот се гледа само ако локалот има хотел.
- Во која соба? — избери ја собата.
- Соба — копче за секоја соба.
- „Ако во собата има пријавен гостин, ставките одат на неговата сметка (престој).“ Ако собата е празна, се отвора пријава на гостин во собата.
Копчето е Премести.
Пишанка
Пишанка е кога вработен консумира нешто, а не плаќа на место; износот се одбива подоцна (од плата или се плаќа на крај на месецот).

- Пишанки — табот.
- Чија пишанка? — список на сите вработени.
- Вработен — допри го името на тој што консумирал.
- Запиши пишанка — ги запишува избраните ставки. Сиво е додека не е избран вработен.
Ако менаџерот поставил дека пишанката бара админ код, под имињата се гледа Админ код (или барање одобрување со картичка). Тогаш пишува „Прво избери вработен.“ додека не избереш.
Што се случува: избраните ставки се тргаат од масата и се запишуваат на пишанката на вработениот, по цената на сметката. Се печати мал листок за пишанката. Залихата се намалува. Не се печати фискална сметка. Ако целата маса оди на пишанка, масата се ослободува и се враќаш на масите. Менаџерот ги гледа пишанките во извештаите.
Отпад
За нешто што е подготвено или отворено, а не е продадено: скршена чаша со пијалок, расипано јадење, истечен рок, јадење вратено од гостин.

- Кршење, 2. Расипано, 3. Истечен рок, 4. Друго — причината. Една е секогаш избрана (по основно Кршење).
- „Избраните ставки се отпишуваат од нарачката и одат во дневникот на отпад (со одбивање од залиха).“
- Админ код — отпад секогаш бара админ код (или одобрување со картичка од менаџер).
- Запиши отпад — ги отпишува избраните ставки.
Над причините стои истиот список Што да се премести: тргни сè што не се фрла. Ако целата маса се отпише, масата се ослободува.
Разлика меѓу бришење и отпад: бришењето (кошчето) е кога нешто погрешно е внесено и никогаш не е направено. Отпадот е кога е направено и фрлено, па се одбива од залихата и се гледа во дневникот на отпад.
Попуст
Што е ова и кога го користиш
Попуст на целата сметка, на пример за редовен гостин или за рекламација. Секогаш бара админ код од менаџер.
Каде се наоѓа
Копчето Попуст до Вкупно. Се гледа само ако менаџерот поставил попусти (Попусти и ваучери). Ако на сметката веќе има попуст, копчето го нема.

- Вкупно … · потребен е админ код — колку е сметката пред попустот.
- Поставен попуст (на пример Редовен гостин −10%) — допри за да го избереш (се обојува), повторно за да го тргнеш. Под името стои колку е: процент или износ во денари.
- Попуст со износ, на пример Рекламација −200 ден.
- Слободен попуст — се гледа само ако менаџерот го дозволил. Тука сам внесуваш колку.
- % / ден — дали внесениот број е процент или денари. Кога внесуваш слободен попуст, избраниот поставен попуст се трга.
- Админ код — се појавува откако ќе избереш попуст. Менаџерот го внесува кодот (најмалку 4 цифри).
- Примени — го става попустот. Сиво додека нема избран попуст и код. Откажи затвора без промена.
Ако нема ниту еден поставен попуст и слободниот не е дозволен, пишува „Нема поставени попусти (Админ → Попусти и ваучери).“
Слободниот попуст може да е поставен само за хотелски соби; тогаш на обичните маси не се гледа. Некои производи менаџерот може да ги исклучи од слободен попуст.
Ставен попуст

- Попуст: Редовен гостин −186 ден · Admin — кој попуст, колку денари и кој менаџер го одобрил. Износот Вкупно над него е веќе намален.
- ✕ — го трга попустот. Се отвора Отстрани попуст каде се бара само админ код и копче Отстрани.
Печати сметка без затворање
Што е ова и кога го користиш
Кога гостинот сака да ја види сметката пред да плати (пред-сметка), или треба копија. Сметката не се затвора и ништо не се менува.
Каде се наоѓа
Копчето со печатач лево од Испрати. Се гледа само кога е најавен менаџер (на каса со менаџерски профил). Келнерот го нема ова копче: ако гостинот сака пред-сметка, повикај менаџер.

- Печати сметка (печатач) — светнува кога сè е испратено.
Притисни го и се отвора:

- Админ код — дури и менаџерот треба повторно да го внесе кодот.
- Печати — ја печати сметката на термалниот печатач (без фискална сметка). Ако кодот е погрешен, пишува „Погрешен код“.
- Откажи — ништо не се печати.
На копијата се печатат само испратените ставки, по цените по кои се внесени.
Име на гостин
Што е ова и кога го користиш
Кога сакаш да запишеш чија е масата (на пример „Филип“, „роденден“). Името се гледа на масата и на сметката и се брише само кога масата ќе се затвори.
Каде се наоѓа
Копчето Гостин до името на масата. Се гледа само ако менаџерот го вклучил во поставките за маси. Нема го на нарачки за носење.

- Гостин — отвора прозорец за име.

- Име на гостин — до 80 знаци.
- Зачувај — го зачувува името.
- Откажи — без промена.
Кога масата веќе има име, во прозорецот има и Избриши (црвено), кое го брише името.

- Име на гостинот — се гледа како обоено копче под името на масата. Допри го за да го смениш или избришеш.
Ако споиш две маси, името на гостинот оди со нив (ако новата маса нема свое име).
Достава (Wolt, Korpa…)
Што е ова и кога го користиш
Кога нарачката за носење оди преку платформа за достава. Тогаш на нарачката се запишува која платформа и бројот на нарачката од платформата, за да ги најдете полесно и за менаџерот да ги види во извештаите.
Каде се наоѓа
Кај нарачка за носење, копчето со велосипед до насловот. Се гледа ако менаџерот внел барем една достава во поставките.

- Наслов — кај доставата насловот е името на платформата и бројот (на пример Wolt 4821), наместо „За носење 2“.
- Копче за достава — ја покажува доставата. Допри го за да ја смениш.
- Наплати — секогаш црвено кај достава: сметката се затвора без фискална сметка (сметката ја издава платформата).
Ако нарачката нема достава, копчето пишува Без достава. Допри го:

- Wolt, 2. Korpa — доставите што ги внел менаџерот. Тековната е означена со рамка.
- Без достава — гостинот ја зема нарачката сам. Ова веднаш се зачувува.
Кога ќе избереш достава:

- Број на нарачка — бројот што го дала платформата (на пример 4821).
- Назад — назад на изборот на достава.
- Без број — ја зачувува доставата без број.
- Продолжи — ја зачувува доставата со бројот. Сиво е додека бројот е празен.
Доставата може да се избере и уште на екранот Маси кога ја отвораш нарачката за носење. Види Маси.
Пораки што може да ги видиш
По испраќање
- КУЈНА не печати — тикетот е испечатен на БАР — тикетот е испечатен на друг печатач. Однеси го во кујна.
- … не печати — тикетот не е испечатен — тикетот не е испечатен никаде. Кажи усно и провери го печатачот.
Повеќе во Нарачка на маса.
По наплата
- Фискална сметка не се испечати (црвено) — масата е затворена и наплатена, но фискалниот уред не ја испечатил сметката. Под насловот пишува зошто. Не ја наплаќај масата повторно. Јави му на менаџерот: тој ја гледа сметката во Извештаи → Фискални сметки за проверка и може да ја испечати откако уредот ќе проработи.
- Проверете ја фискалната сметка (жолто) — масата е затворена, но Тефтер не е сигурен дали сметката излегла. Погледни на фискалниот уред дали е испечатена и кажи му на менаџерот.
- Сметката е 0 ден — затворена без фискална сметка. / Нарачка за достава — затворена без фискална сметка. — така треба да биде, нема проблем.
Кога фискалниот уред одбива
Ако фискалниот уред не е спремен, наплатата не почнува и масата останува отворена. Пораката е црвено, долу во прозорецот Како плаќа клиентот?. Затвори го прозорецот, реши го проблемот и пробај пак.
| Порака | Што значи | Што правиш |
|---|---|---|
| Нема конфигуриран фискален уред. | Касата нема поставен фискален уред. | Јави му на менаџерот. До тогаш, ако менаџерот одобри, наплати термално (f). |
| Фискалниот уред не одговара — проверете дали е вклучен и дали кабелот е приклучен, па пробајте повторно. | Касата не може да зборува со уредот. | Провери дали уредот е вклучен и кабелот е цврсто во касата. Исклучи го и вклучи го уредот, почекај малку, пробај пак. |
| Фискалниот уред не може да печати: Нема хартија — ставете нова ролна | Нема хартија. | Стави нова ролна и пробај пак. |
| … Капакот е отворен | Капакот на уредот не е затворен. | Затвори го капакот докрај. |
| … Печатниот механизам не работи | Проблем со печатачот во уредот. | Провери хартија и капак; ако не помогне, јави му на менаџерот (сервис). |
| … На уредот има отворена сметка / Отворена фискална сметка | Претходна сметка не е довршена (на пример исклучена струја среде печатење). | Притисни Одблокирај на црвената лента горе (види подолу), па пробај пак. |
| … На уредот има отворена сторна сметка | Сторно што не е довршено. | Одблокирај, или повикај менаџер. |
| … Часовникот на уредот не е поставен | Уредот изгубил датум и време. | Јави му на менаџерот. |
| … Меморијата на уредот е ресетирана — потребен сервис / Проблем со фискалната меморија — потребен сервис / Електронскиот журнал е полн — потребен сервис | Уредот бара сервисер. | Јави му на менаџерот, тој го вика сервисот. |
| Фискалниот уред печати друга сметка или извештај — пробајте повторно за малку. | Уредот е зафатен (на пример се печати Z извештај од друга каса). | Почекај неколку секунди и пробај пак. |
| … Хартијата е при крај | Само предупредување. | Подготви нова ролна. |
Ако по почнато печатење уредот одбие, може да видиш порака што завршува со „Сметката остана отворена на уредот — повикајте управител.“ Тогаш не пробувај повторно, повикај менаџер.
Црвена лента горе на екранот

- „На фискалниот уред има недовршена сметка — фискалните сметки се блокирани. Ако има хартија, притисни „Одблокирај“.“ — некоја сметка останала недовршена на уредот и ниедна фискална наплата нема да помине додека не се доврши. Тефтер обично сам ја довршува штом уредот е спремен; лентата е за кога тоа не се случило.
- Одблокирај — Тефтер ја довршува или затвора недовршената сметка на уредот. Прво провери дека има хартија. Порака по тоа кажува дали успеало. Ова може да го притисне секој вработен, не бара код.

- „Фискалното печатење е блокирано. Затворање на сметка фискално нема да успее.“ — уредот не е спремен (најчесто исклучен, без хартија или без врска). Провери го уредот. Менаџерот тука гледа и Отвори дијагностика. Со ✕ десно лентата се крие додека состојбата не се смени.
Жолта лента „Фискалниот принтер има предупредување. Печатењето сè уште работи.“ значи дека може да наплаќаш, но нешто треба да се провери (најчесто хартијата е при крај).
На телефон

- Подели — горе десно во долната лента.
- Испрати — сиво кога сè е испратено.
- Наплати · износ — износот е на самото копче. Држи го подолго за термален режим (копчето станува црвено со пламен).
Сите прозорци (наплата, подели, премести, попуст) изгледаат исто како на каса, само се на цел екран.
Тастатура
| Копче | Каде | Што прави |
|---|---|---|
| p | нарачка | Наплати |
| d | нарачка | Подели |
| m | нарачка | Премести |
| f | нарачка | фискална ↔ термална |
| 1 | прозорец за плаќање | Готовина (веднаш затвора) |
| 2 | прозорец за плаќање | Картичка (веднаш затвора) |
| 3 | прозорец за плаќање | Комбинирано |
| 4 | прозорец за плаќање | Фактура |
| Esc | прозорец | затвора без наплата |
Чести ситуации
Гостинот вели дека ќе плати со картичка, а потоа дава готовина. Ако уште не си избрал, само избери Готовина. Ако сметката е веќе затворена со погрешен начин, не ја наплаќај повторно; кажи му на менаџерот, тој може да го поправи начинот на плаќање на затворената сметка.
Двајца плаќаат половина-половина за иста ставка (на пример шише вино). Подели не дели едно парче на два дела. Наплати го едниот дел со другите ставки на првиот гостин, а остатокот на вториот, или наплати го целото со Комбинирано (дел готовина, дел картичка) ако едниот плаќа во готово, а другиот со картичка.
Гостите сакаат да се преместат на друга маса. Премести → Маса, сите ставки избрани, внеси го бројот на новата маса, Премести. Ако на новата маса веќе седат други од истото друштво, масите се спојуваат.
Половина друштво заминува на друга маса со своите пијалоци. Премести → Маса, Поништи ги сите, избери само нивните пијалоци (со − намали количината ако треба), внеси нова маса, Премести.
Келнерот заборавил да ја наплати масата пред смената да заврши. Секој келнер може да ја отвори масата и да ја наплати. Во Келнер: и понатаму стои кој ја отворил.
Колегата пиел кафе и нема да плати сега. Премести → Пишанки, избери го кафето и колегата, Запиши пишанка.
Се скршила чаша со пиво што веќе е испратено. Премести → Отпад, остави ја само таа ставка, причина Кршење, админ код, Запиши отпад. Ако гостинот добива ново пиво, додај го повторно и испрати.
Фискалниот печатач не печати, а гостинот чека. Погледни ја пораката во прозорецот за плаќање и табелата погоре. Најчесто е хартија или капак. Ако уредот е расипан и менаџерот одобри, наплати термално (f или подолго држење на Наплати), а менаџерот подоцна се грижи за фискалната сметка.
Фирма бара фактура, но ќе плати подоцна. Наплати → Фактура, избери ја или внеси ја фирмата, Издади. Масата се затвора, а фактурата чека наплата кај менаџерот во Каса → Фактури.
Гостинот бара сметка да ја види пред да плати. Повикај менаџер да ја испечати со копчето за печатење (пред-сметка), или покажи му ја сметката на екранот.
Wolt нарачката е внесена како обична за носење. Допри Без достава горе на нарачката, избери Wolt, внеси го бројот и Продолжи.
Поврзано
- Нарачка на маса — внесување и праќање.
- Маси — нова за носење, достава, спојување маси од распоредот.
- Попусти и ваучери — каде менаџерот поставува попусти, ваучери и среќен час.
- Фискална и сметки — фискалниот уред, проверка на фискални сметки, сторно.
- Попис и отпад — дневникот на отпад.
- Вработени — пишанки по вработен.
- Хотел — соби и престој (модул „Хотел“).