Упатство › За келнери
Нарачка на маса
Ова е екранот на кој поминуваш најмногу време. Тука внесуваш што нарачал гостинот, го праќаш во кујна и бар, ја менуваш нарачката додека гостите седат и на крај ја наплаќаш. Во ова поглавје е опишано сè до копчето Испрати. Што правиш потоа (наплата, делење сметка, преместување, попуст, пишанка, отпад) е во поглавјето Наплата и алатки на масата.
Што е ова и кога го користиш
Екранот за нарачка се отвора секогаш кога ќе допреш маса на распоредот или во списокот со маси. Ако масата е слободна, Тефтер веднаш отвора нова празна нарачка на твое име. Ако на масата веќе има нарачка, ја гледаш таа нарачка таква каква што е, со сè што е испратено и сè што чека.
Една маса може да биде отворена само на еден уред во исто време. Ако колега ја отвори истата маса на друг телефон или каса, на твојот екран се појавува порака Масата е отворена на друг уред и Тефтер те враќа на масите. Ова е за да не внесувате двајца исто нешто на иста маса.
Каде се наоѓа
- Од екранот Маси допри ја масата (на распоредот, во Грид или во Активни нарачки). Види Маси.
- За нарачка за носење: на екранот Маси притисни Нова за носење.
- Нарачката на хотелска соба и нарачката на брза храна го користат истиот екран, со мали разлики што се опишани подолу.
Изглед на екранот (каса или голем екран)
На каса и на поголем екран, лево е сметката на масата, а десно е менито. На телефон двата дела се на посебни екрани (види Изглед на телефон).

- Назад — те враќа на масите. Ако на нарачката има ставки што уште не се испратени, прво те прашува што да прави со нив (види Ако излегуваш без да испратиш). Ако нарачката е празна, масата сама се ослободува.
- Премести (двете стрелки) — ја преместува нарачката или дел од неа на друга маса, во соба, на пишанка или во отпад. Детално во Наплата и алатки на масата.
- Име на масата — на пример Маса 14. За нарачка за носење пишува За носење 1, За носење 2 итн., или името на доставата (на пример Wolt 4821). За хотелска соба пишува Соба …. За брза храна пишува бројот на нарачката, на пример №12.
- Келнер: — кој ја отворил масата. Ова е секогаш келнерот што прв ја отворил масата, не тој што моментално гледа.
- Статус — ОТВОРЕНА значи дека има ставки што уште не се испратени (или нарачката е празна). ИСПРАТЕНА (обоено) значи дека сè е испратено и масата е спремна за наплата.
- Ставките на сметката — секој производ во свој ред. Под ова е опишан секој ред подетално.
- Испрати — ги праќа сите нови ставки во кујна и бар. Види Испрати.
- Наплати — ја отвора наплатата. Може да се притисне дури откако сè е испратено.
- Мени — делот со производите. Под насловот има мали совети за тастатурата.
- Барај по име или код… — пребарување низ целото мени.
- Категории — Сите и категориите на локалот (на пример ХРАНА, АЛКОХОЛ, ДЕСЕРТИ, ПИЈАЛОЦИ).
- Плочка на производ — допри ја за да го додадеш производот на сметката.
Под бројот на ставки („4 ставки“) се гледа колку реда има на сметката.
Сметката на масата — ставка по ставка

- Ред на производ — името на производот, а под него цената за едно парче и состојбата: - ново — ставката е внесена, но уште не е испратена во кујна или бар; - испратено 2 (зелено) — колку парчиња од овој ред веќе се испратени.
- − (намали) — намалува за едно. Може да намалиш само она што уште не е испратено; кога ќе дојдеш до испратената количина, копчето станува сиво. Ако редот има само едно ново парче, − е сиво, а за бришење го користиш кошчето (4).
- + (зголеми) — додава уште едно парче од истиот производ. Ако редот е веќе испратен, новото парче е ново и ќе оди во кујна при следното Испрати.
- Кошче — го брише редот: - ако редот е целосно нов, се брише веднаш, без прашање; - ако дел е испратен, а дел е нов, се бришат само новите парчиња, испратените остануваат; - ако редот е целосно испратен, се отвора прозорецот Админ потврда (види Бришење на испратена ставка). Кога ќе застанеш со глувчето над кошчето, пишува „Потребен е админ код“.
- Вкупно за редот — количина по цена.
- Друг производ — за производ што го нема во менито. Види Друг производ.
- Белешка за: — белешка за кујната или барот. Види Белешка за производ.
- Вкупно — колку чини целата сметка во моментот (новите и испратените ставки заедно).
- Износ — вкупниот износ во денари. Ако е ставен попуст, ова е износот по попустот.
- Совети за тастатура — кратки потсетници за работа без глушец. Ги има само на голем екран. Се кријат со копчето со око во менито (види подолу).
Допирање на ред го избира тој ред (се обојува и добива рамка). Избраниот ред е важен за белешката и за Друг производ: и двете одат на избраниот ред. Ако повторно го допреш истиот ред, изборот се трга и тогаш белешката оди на последниот внесен производ.
Ако на ставката има опции (на пример „+ Екстра сирење“), тие се гледаат во помал ред под производот. Ако е производ од мени/комбо, над името стои ознака Мени · Ручек мени. Ако е производ по тежина, покрај името стои тежината, на пример · 0.350 кг, и наместо − и + стои само тежината (тежината не се менува, за друга тежина избриши го редот и внеси го повторно).
Испратени и нови ставки на иста сметка
Вака изгледа маса на која дел е испратен, а потоа е дополнето:

- испратено 1 — ова парче веќе е во кујна.
- испратено 2 кај ред со количина 3 — две пива се испратени, третото е ново и ќе оди при следното праќање. − тука може да го тргне само третото, новото пиво.
- ново — ставка што уште не е испратена.
- Кошче на испратен ред — бара админ код.
- Белешка — се гледа под производот, со наводници и закосени букви, на пример „добро печени“.
- Опција — помал ред со „+“ под главниот производ, со доплатата покрај. Под неа пишува „испратено“ кога е испратена. Опцијата не може да се менува посебно, само да се брише (кошчето се појавува кога ќе застанеш над редот).
- Производ по тежина — тежината стои покрај името и десно наместо количината.
- Испрати — светнува штом има барем една нова ставка.
Празна нарачка

- Отстрани празна нарачка (црвено крукче горе десно) — се гледа само кога на нарачката нема ниту една ставка. Ја брише празната нарачка и масата веднаш станува слободна. Не прашува ништо, затоа што нема што да се изгуби.
- Празна нарачка. Избери производ од менито → — порака кога уште ништо не е внесено.
- Белешка — прво додади производ — белешка не може да се пишува додека нема производ.
- Испрати и 5. Наплати — сиви, нема што да се испрати ни наплати.
Ако излезеш од празна маса со Назад, Тефтер сам ја брише празната нарачка, па масата не останува „зафатена“ без причина.
Преземи ја масата
Ако гостин нарачал преку QR менито додека никој не бил најавен на таа маса, горе на сметката стои големо трепкачко копче Преземи ја масата. Притисни го и масата станува твоја: твоето име оди во Келнер: и натаму ја водиш ти.
Менито

- Око — ги крие или прикажува советите за тастатура на целиот екран (во менито и под копчињата). Изборот се памти на овој уред. Кога советите се скриени, иконата е прецртано око.
- 86 — список на сите производи каде го означуваш тоа што го снемало. Види 86 — означи што нема.
- Категорија — притисни за да ги видиш само производите од таа категорија. Сите ги покажува сите производи, наредени по категорија.
- Подкатегорија — втор ред со помали копчиња (на пример Главни јадења, Предјадења, Салати). Се појавува само кога ќе избереш категорија што има подкатегории. Сите во овој ред ги покажува сите од категоријата.
- ×2 — колку парчиња од овој производ има на сметката (испратени и нови заедно). Плочката тогаш има обоена рамка.
- − на плочката — одзема едно ново парче од тој производ. Се појавува само ако има ново, неиспратено парче. Испратеното не може да се одземе од тука.
- Нема (црвена лента преку аголот) — производот е означен дека го снемало. Плочката е сива и не реагира на допир. Ако сепак се обидеш да го додадеш со пребарување, излегува порака „Нема — … е означен како нема.“
- остана 3 — производот има бројач: толку парчиња се останати. Секое Испрати го намалува бројот. Кога ќе стигне до 0, производот сам станува Нема.
- ⚡ цена — производот е на попуст во среќен час (happy hour). Старата цена е прецртана, новата е со молња. Ова ја покажува цената што ќе се наплати во моментот.
- КУЈНА / БАР — каде оди производот кога ќе испратиш. Ако производот има свој код (шифра), наместо ова пишува кодот.
Сликата на плочката е фотографијата на производот, ако менаџерот ставил. Ако нема фотографија, Тефтер сам става соодветна иконка, а ако не најде, става обоено поле со првите букви од името.
На голем екран, категориите се секогаш сите видливи (одат во повеќе редови ако ги има многу). На телефон тие стојат залепени горе додека ја листаш листата, за да можеш да скокнеш од салати на пијалоци без да листаш назад.
Мени преку големи картички
Менаџерот може да го смени изгледот на менито во Изглед на нарачката (види Мени). Тогаш наместо категории гледаш големи картички (на пример Храна, Пијалоци, Кафе). Допри картичка, па обоено копче за групата (на пример Вино), понекогаш уште едно копче за видот (Бело, Црвено), и дури тогаш ги гледаш производите. Назад горе те враќа едно ниво нагоре. Над копчињата се појавува ред Брз пристап со производите што веќе се на оваа сметка, за брзо да додадеш уште едно (на пример уште една тура пиво). Ако се многу, последното копче е +N уште. Пребарувањето работи исто како и обично.
Мени / Комбо

- Мени / Комбо — ред со готови менија. Се гледа само ако локалот има внесено комбо менија, и само кога е избрано Сите и ништо не е пребарано.
- Име на менито (на пример Ручек мени) и краток опис.
- Цена — основната цена на менито.
Допри го менито и се отвора прозорец со неговото име и „Состави го менито — избери по една опција.“ За секој дел (на пример Главно, Прилог, Пијалок) има копчиња со можностите. Секој дел е веќе однапред избран на првата можност, па ако гостинот сака основно мени, само притисни Додај во нарачка. Ако избереш поскапа можност, покрај неа пишува доплатата (на пример +150 ден), а цената долу лево веднаш се зголемува. Додај во нарачка е сиво додека некој задолжителен дел не е избран. Откажи го затвора прозорецот без ништо да додаде. На сметката деловите од менито стојат како посебни редови, секој со ознака Мени · ….
Додавање производ
Најлесно: допри ја плочката. Производот веднаш оди на сметката како ново. Секое следно допирање на истата плочка ја зголемува количината на истиот ред.
Неколку производи не се додаваат веднаш, туку прво прашуваат нешто:
- производ со неколку големини (на пример пиво 0,5 и 0,33) — прво избираш големина;
- производ со опции (на пример бургер со додатоци) — прво избираш опции;
- производ по тежина (на пример риба по кг) — прво внесуваш тежина.
Пребарување

- Барај по име или код… — пиши дел од името или кодот на производот. Пребарувањето е низ целото мени, без разлика која категорија е избрана, а категориите се кријат додека пребаруваш. Може да пишуваш и на латиница: „kafe“ ќе ги најде сите „кафе“.
- 4 резултати — колку производи одговараат. На голем екран пишува и „↓ низ плочките · Enter избери“.
- Резултат — допри ја плочката за да ја додадеш. Плочките остануваат на екранот, па може да допреш повеќе пати.
Ако напишеш точен код на производ (на пример „12“), се покажува само тој производ, без другите што случајно содржат „12“. Ако ништо не одговара, пишува Нема резултати за „…“.
Кога повторно ќе допреш во полето за барање, тоа само се брише, за да почнеш ново барање.
Кога има само еден резултат

- Полето за барање — станува зелено кога останал само еден резултат.
- Притисни Enter за додавање — на голем екран, Enter веднаш го додава производот.
- ↵ Enter — зелена ознака на плочката што ќе се додаде.
- Број на големини (иконка со слоеви и број) — плочката е група на производ со повеќе големини. Бројот кажува колку големини има.
- големини — наместо КУЈНА/БАР, групата покажува „големини“, а цената е од најевтината до најскапата (на пример 120 ден–140 ден).
Избор на големина
Ако производот има неколку големини (менаџерот ги поставува во Мени → Варијанти), на менито стои само една плочка за целата група. Допри ја:

- Избери големина. (↑ ↓ и Enter) — насловот е името на групата. Со тастатура се движиш со стрелките и избираш со Enter.
- и 3. Големините — секоја со својата цена. Допри ја големината што ја сака гостинот и таа веднаш оди на сметката.
Затвори со X горе десно ако си се премислил, ништо нема да се додаде. Ако напишеш точен код на една големина во пребарувањето, се додава таа големина без прозорецот.
На сметката редот се гледа со името и големината заедно. − на плочката на групата го одзема последното ново парче од која било големина.
Избор на опции
Ако производот има опции (додатоци), по допирот се отвора:

- Избери до 2 опции. — колку опции најмногу смее да се изберат. Кога ќе го достигнеш бројот, другите опции стануваат бледи.
- Опција — допри за да ја избереш (се појавува штикла) или повторно за да ја тргнеш.
- +40 ден — доплата за опцијата.
- Опција без доплата има „—“.
- Вкупно — цената на производот плус избраните доплати.
- Откажи — затвора, ништо не се додава.
- Потврди — го додава производот со избраните опции. Може да потврдиш и без ниту една опција, тогаш оди обичниот производ.
Производ со опции секогаш оди во свој ред, дури и ако на сметката веќе има ист производ без опции. Така доплатата се наплаќа само на парчето што ја има.
Производ по тежина
Производите што се продаваат по килограм (риба, месо на мерка) прво бараат тежина:

- Тежина во грамови — ја внесуваш со копчињата. Најмногу 99999 гр.
- Цена за кг · цена за порцијата — Тефтер сам ја пресметува цената. Цената не се пишува рачно, само тежината.
- 00 — брзо додава две нули (на пример 3, 00 = 300 гр). Копчето со стрелка десно брише последна цифра.
- Додади · 630 ден — го додава производот со таа тежина. Сиво е додека тежината е 0.
- Откажи — ништо не се додава.
Друг производ
Полето Друг производ (на сметката, над белешката) служи за нешто што го нема во менито, на пример „екстра домати“ или посебно барање на гостинот.
- Во првото поле напиши што е (на пример „екстра домати“).
- Во Цена напиши ја цената во денари (може 0).
- Притисни Додај или Enter.
Горе десно на полето пишува каде ќе оди:
- самостојно — ако ниту еден ред не е избран. Ставката оди како свој ред на сметката.
- врзан за: Ќебапи — ако си избрал ред (допри го редот на сметката пред да додадеш). Тогаш ставката оди под тој производ, во кујна или бар оди заедно со него и на фискалната сметка се води со истиот ДДВ како него.
Може да се врзе само за производ што уште не е испратен. Ако избраниот ред е веќе испратен, ставката оди самостојно.
Додај е сиво додека не е напишано име и цена.
Белешка за производ
Белешката е порака за кујната или барот (на пример „без кромид“, „добро печено“, „без мраз“). Се печати на тикетот под производот.

- Избран ред — белешката оди на редот што е избран. Ако ништо не е избрано, оди на последниот внесен производ.
- Белешка за: Ќебапи (Alt+N) — копчето кое го отвора полето за белешка. Секогаш пишува за кој производ е, за да не згрешиш.
- избран производ / последен производ — дали белешката оди на редот што ти си го избрал или на последниот внесен.
- Брзи белешки (на пример БЕЗ, ЕКСТРА) — се гледаат само ако менаџерот ги вклучил во Мени → Брзи модификатори. Допри еден за да ги видиш можностите.
- Можност (на пример кромид) — допри и во белешката се додава „БЕЗ кромид“. Може да допреш повеќе, се додаваат одделени со запирка.
- Полето за белешка — тука може да пишуваш и рачно.
Белешката се зачувува сама кога ќе излезеш од полето: кога ќе допреш друг производ, ќе притиснеш Enter или Испрати. Нема посебно копче Зачувај. Ако го отвориш полето за ред што веќе има белешка, ја гледаш старата белешка и може да ја смениш.
Ако ја смениш белешката на производ што е веќе испратен, кујнскиот екран ја прикажува новата белешка, но веќе испечатениот тикет останува стар. Во тој случај кажи му и усно на готвачот.
Бришење и намалување
| Што сакаш | Како |
|---|---|
| Едно парче помалку од ново | − на редот, или − на плочката во менито |
| Цел нов ред | кошчето на редот (без прашање) |
| Последниот внесен производ | копчето z на тастатура |
| Ново парче додадено на испратен ред | − или кошчето (се брише само новото) |
| Нешто што е веќе испратено | кошчето, со админ код (види подолу) |
Бришење на испратена ставка
Испратеното веќе го видела кујната или барот, па за бришење е потребна потврда од менаџер.

- Што да се отстрани — список на сите редови на сметката. Редот на кој си го притиснал кошчето е веќе избран.
- Избери ги сите / Поништи ги сите — бира или трга сè одеднаш. Може да избереш повеќе редови и да ги избришеш заедно.
- Избран ред — допри ред за да го избереш или тргнеш.
- 2/2 — кај ред со повеќе парчиња, со − и + избираш колку парчиња се бришат (на пример 1/2 значи се брише едно од двете). Кај ред со опции ова го нема, се брише цел.
- Причина — зошто се брише (на пример „погрешна нарачка“, „рекламација“). Задолжително е, освен ако менаџерот не го исклучил во поставките (тогаш пишува Причина (по избор)).
- Админ код — менаџерот го внесува својот код на тастатурата. БРИШИ го брише целиот внесен код, а копчето со стрелка последната цифра.
- Отстрани — ги брише избраните парчиња. Ако си избрал повеќе редови, пишува на пример Отстрани 3. Сиво е додека не е избран производ, внесена причина и код.
Ако долу пишува „Избери барем еден производ.“, ниту еден ред не е избран. Ако кодот е погрешен, пораката излегува црвено над копчињата.
Ако локалот работи со картички за одобрување, наместо кодот се гледа копче Побарај одобрување. Напиши причина, притисни го, и менаџерот го одобрува со својата картичка (на својот уред или со картичката на читачот). Додека барањето чека, причината и избраните редови не се менуваат; ако треба да ги смениш, притисни Измени ја причината или ставките.
Избришаното се гледа во извештаите со име на менаџерот и причината. Ако е избришано од масата, а кујната веќе го подготвила, размисли дали треба да оди во Отпад наместо (види Наплата и алатки на масата).
Испрати
Испрати ги праќа сите нови ставки во кујна и бар одеднаш. Тоа е потврдата за кујната: дури откако ќе испратиш, готвачот и шанкерот знаат што да прават.
Што се случува кога ќе притиснеш Испрати:
- Секоја нова ставка станува испратено. Статусот на масата станува ИСПРАТЕНА.
- Ставките се делат по место: храната оди на тикет за КУЈНА, пијалоците на тикет за БАР (според тоа што пишува на плочката). Ако локалот има повеќе печатачи (на пример посебен за салати или пица), секое место добива свој тикет. Каде што оди кој производ го одредува менаџерот (види Принтери и рутирање).
- Ако локалот има кујнски екрани, нарачката се појавува и на екранот во кујната или шанкот.
- На тикетот се печати: масата, твоето име, производите со количина, опциите со „+“ под производот и белешките. На кујнскиот екран, второто и секое следно праќање на иста маса е означено Дополнување, за кујната да знае дека е додаток на масата што веќе ја работи.
- Бројачите „остана N“ се намалуваат за испратените парчиња.
На тикетот оди само новото, не целата сметка. Ако на маса со две испратени пива додадеш трето и испратиш, барот добива тикет само за едно пиво.
По испраќањето, по основно остануваш на нарачката. Менаџерот може за секој уред да постави (Поставки → По испраќање во кујна) да те врати на масите или да те одјави по секое праќање (погодно кога повеќе келнери работат на иста каса). Масата во секој случај останува отворена.
Испрати е сиво кога нема ништо ново, или кога уредот нема врска со касата (тогаш пишува „Нема врска — почекај да се врати“ кога ќе застанеш над копчето). Ако врската падне додека праќаш, Тефтер сам пробува повторно; нема опасност нарачката да се испрати двапати.
Кога печатачот не печати
Ако некој печатач не работи, по испраќањето излегува жолта порака, на пример:
- КУЈНА не печати — тикетот е испечатен на БАР — кујнскиот печатач не одговорил, па тикетот е испечатен на друг печатач (обично на шанкот). Земи го тикетот и однеси го во кујна.
- КУЈНА не печати — тикетот не е испечатен — тикетот не е испечатен никаде. Нарачката сепак е испратена (на кујнскиот екран се гледа ако го има), но кажи му на готвачот усно и провери го печатачот (дали е вклучен, дали има хартија, дали е капакот затворен).
Испратеното останува испратено. Не праќај ја нарачката повторно за да добиеш тикет: повторно Испрати нема да направи ништо, затоа што нема нови ставки. Ако е потребна копија од сметката, менаџерот може да ја испечати со копчето за печатење (види Наплата и алатки на масата).
Ако излегуваш без да испратиш
Ако притиснеш Назад, логото на Тефтер или копчето Назад на телефонот додека има нови ставки, се отвора:

- Имаш неиспратени ставки — „Овие ставки сè уште не се испратени во кујна или бар. Што сакаш да направиш?“
- Испрати сега — ги праќа и потоа излегува. Ова е обично точниот избор.
- Избриши неиспратени и затвори маса — ги брише само новите ставки. Испратеното останува на масата. Ако на масата немало ништо испратено, масата се ослободува.
- Откажи — останува на нарачката, ништо не се менува.
86 — означи што нема
Кога ќе снема нешто (пица тесто, риба, одредено пиво), означи го веднаш за да не го нарачува и следниот келнер.

- 86 · означи што нема — насловот на списокот. Се отвора со копчето 86 во менито.
- Барај производ… — пребарување низ производите (и на латиница).
- + заеднички бројач — на насловот на подкатегоријата (на пример ГЛАВНИ ЈАДЕЊА). Еден бројач за сите производи во групата, на пример кога имаш 10 топки тесто за сите пици. Секое праќање на која било пица го намалува.
- + бројач — бројач само за овој производ. Притисни, напиши колку парчиња се останати и Enter. Потоа се гледа остана со −, бројот и +, и X за да го тргнеш бројачот. Кога бројачот ќе стигне до 0, производот сам станува Нема.
- Означи Нема — производот веднаш станува недостапен на сите уреди. Копчето станува црвено Нема, а покрај името се гледа ознака НЕМА. Притисни повторно за да го вратиш (порака „Пак достапно“).
- N производи — колку производи има во списокот.
- Затвори — го затвора списокот.
Кај производ со повеќе големини, во списокот стои само една ставка за целата група („Цела група (2): …“). Ако ја означиш, ги означуваш сите големини.
Ако менаџерот вклучил дека за 86 е потребен админ код, наместо списокот прво се гледа Внеси админ код за „86“ со тастатура и копче Отклучи. Ако не си менаџер и немаш код, промената нема да успее и ќе добиеш порака „Не е променето — Потребен е менаџерски профил или админ код.“
Брза храна и за носење
За носење
Нарачка за носење се отвора од Маси → Нова за носење. Екранот е ист, со две разлики:
- Насловот е За носење 1, За носење 2 итн.
- Покрај насловот има копче со велосипед: Без достава или името на доставата (на пример Wolt 4821). Со него избираш преку која достава оди нарачката (види Наплата и алатки на масата).
Ако е вклучен среќен час што не важи за носење, плочките на нарачка за носење ја покажуваат редовната цена.
Брза храна
На каса за брза храна нарачката се отвора по број (на пример №12), не по маса. Разлики:
- Нема копче Назад. Наместо тоа има Нарачки, кое го отвора списокот со активни нарачки (истото го прави и Esc).
- Покрај бројот има избор Тука / За носење. Тоа одредува каков ДДВ ќе има сметката. Може да се смени додека нарачката не е платена.
- Нема Испрати. Наплати ја испраќа нарачката во кујна и ја наплаќа одеднаш.
- Нема Подели и нема фактура.
- Кога нарачката е веќе платена, наместо копчињата стои зелено Платено.
Хотелска соба
Ако локалот има хотел, нарачката на соба го користи истиот екран, со дополнителен дел Соба лево (престој, такси). На телефон долу има трето копче Соба. Ова е опишано во Хотел.
Изглед на телефон
На телефон (и на таблет во положба портрет) менито и сметката не стојат еден до друг. Долу има лента со која менуваш меѓу нив.

- Барај по име или код… — исто како на каса. На телефон тастатурата не се отвора сама, за да не го покрие менито. Допри во полето кога сакаш да пребаруваш.
- 86 — на телефон стои покрај полето за барање.
- Категории — остануваат залепени горе додека листаш.
- Мени — го покажува менито (обоено кога е избрано).
- Сметка (4) — ја покажува сметката. Бројот во заграда е колку производи (реда) има на сметката.
- Подели — делење на сметката. Светнува кога сè е испратено.
- Испрати (6) — бројот е колку нови парчиња чекаат за праќање.
- Наплати · износ — на телефон износот стои на самото копче.
Кога додаваш од менито, остануваш на менито, па може брзо да додадеш повеќе работи. Погледни ја сметката пред да испратиш.

- Назад — исто како на каса.
- Име на масата, келнер и статус.
- Ред на производ — исто како на каса: −, количина, +, кошче, износ.
- Кошче — исто правило за ново и испратено.
- Сметка (4) — обоено, значи сега ја гледаш сметката. Допри Мени за назад.
На телефон нема совети за тастатура. Кога сè е платено, наместо Испрати и Наплати стои зелено Платено.
Тастатура (каса)
На каса со тастатура може да работиш без глувче. Овие копчиња работат на екранот за нарачка:
| Копче | Што прави |
|---|---|
| / | оди во полето за барање |
| пишување + Enter | ако има еден резултат, го додава; потоа си на новиот ред |
| ↓ / ↑ во барањето | движење низ резултатите (плочките), Enter го додава означениот |
| ↑ / ↓ надвор од барањето | движење низ редовите на сметката и до Испрати |
| + / − | количина на избраниот ред |
| Enter на избран ред | испраќа ако има нови ставки |
| Delete | брише избраниот ред (испратен бара админ код) |
| Esc | го трга изборот на ред; ако нема избор, те враќа на масите |
| s | Испрати |
| p | Наплати |
| d | Подели |
| m | Премести |
| x | Отстрани празна нарачка |
| n | отвора/затвора белешка |
| z | го брише последниот нов производ |
| f | префрла меѓу фискална и термална сметка (види Наплата) |
Буквите s, p, d, m, x, n, z, f работат само кога не пишуваш во поле. Ако курсорот е во полето за барање, прво притисни Esc или допри некаде на сметката. Работат и кога тастатурата е на кирилица.
Менаџерот може овие букви да ги смени за секој уред во Поставки → Кратенки на тастатура. Целиот список го гледаш со копчето со тастатура горе во лентата.
Чести ситуации
Гостинот се премислил пред да испратиш. Само избриши го редот со кошчето или намали со −. Нема потреба од менаџер.
Гостинот се премислил откако си испратил. Ако кујната уште не почнала, повикај менаџер: кошче на редот → причина → админ код. Ако јадењето е веќе направено, тоа е отпад, не бришење (види Отпад).
Гостинот сака уште едно од истото. Допри ја плочката повторно, или + на редот. Новото парче е ново и оди при следното Испрати.
Не можам да го најдам производот. Пребарај по дел од името, или на латиница. Ако го нема во менито, внеси го преку Друг производ со цена и кажи му на менаџерот да го додаде во менито.
Плочката е сива со „Нема“. Производот е означен дека го снемало. Ако сепак го има, отвори 86 и притисни Нема за да го вратиш (или побарај од менаџер ако е потребен код).
Испратив, но кујната вели дека не добила тикет. Погледни дали излегла жолта порака „… не печати“. Ако тикетот е испечатен на друг печатач, однеси го. Ако не е испечатен никаде, кажи усно и јави му на менаџерот да го провери печатачот. Не додавај ги производите повторно.
Масата ми се затвори сама и пишува „Масата е отворена на друг уред“. Некој колега ја отворил истата маса. Договорете се кој ја води; кога тој ќе излезе, ти повторно можеш да ја отвориш.
Наплати е сиво. Има нови ставки што уште не се испратени (статус ОТВОРЕНА). Прво Испрати.
Ставив белешка на погрешен производ. Допри го точниот ред на сметката (да пишува избран производ), па отвори ја белешката. На погрешниот ред отвори ја белешката и избриши го текстот.
Поврзано
- Маси — како стигнуваш до нарачката.
- Наплата и алатки на масата — наплата, подели, премести, попуст, пишанка, отпад.
- Мени — каде менаџерот ги внесува производите, големините, опциите и брзите белешки.
- Принтери и рутирање — кој производ на кој печатач оди.
- Кујнски екрани — нарачката на екранот во кујна.
- Попусти и ваучери — среќен час.
- Кујнските екрани и нарачките преку QR мени се дел од модулот „Побрза услуга“. Хотелските соби бараат модул „Хотел“. Ако локалот ги нема, тие делови едноставно не се гледаат.